08.07.2012, 13:09 Писателот Габриел Гарсија Маркес заболен од деменција
Во јавноста подолго време се зборува за здравествените проблеми на славниот писател
Познатиот колумбиски писател и нобеловец Габриел Гарсија Маркес е заболен од деменција и забрзано ја губи меморијата, јавува Би Би Си, повикувајќи се на изјава на неговиот брат Хаиме Маркес.
Подолго време во латиноамериканската јавност се зборува за здравествените проблеми на славниот писател, но ова е прв пат некој близок од неговото семејство тоа и официјално да го потврди.
Братот на Маркес потврди дека 85-годишниот писател веќе не се сеќава ниту за најосновите работи и дека секој ден постојано му ѕвони на телефон за да го прашува за најобични нешта од животот.
- Има проблеми со меморијата и јас често плачам поради тоа што гледам како го губам братот, изјавил Хаиме Маркес.
Габриел Гарсија Маркес во 1982 година ја доби Нобеловата награда за литература.
Неговиот најпознат роман „Сто години самотија“ е преведен на 30 јазици и продаден во преку 30 милиони примероци низ целиот свет.
Познатиот пистел живее во Колумбија, во градот Картагена. |