08.07.2012, 12:18 Норвешкиот филм „Хенрик“ победник во Карлови Вари
Наградата за најдобра машка улога му припадна на Хенрик Рафалсен за улогата во наградениот норвешки филм
Победник на 47. Интернационален филмски фестивал во Карлови Вари е филмот „Хенрик“ на норвешкиот режисер Мартин Лунда. Лунда беше награден со Кристален глобус и парична награда од 25.000 долари.
Победничкиот филм е горчлива психолошка студија потпрена врз автентичноста и извонредните актерски перформанси.
За најдобро остварување на машка улога беше награден Хенрик Рафалсен за улогата во наградениот норвешки филм.
Специјална награда од жирито му беше доделена на италијанскиот филм „Роман за еден масакр“ на режисерот Марко Тулио Џордана. Наградата за режија ја доби канѓанецот Рафаел Оуелет за филмот ,,Камион". За најдобра женска улога беше избрана Лејла Хатами за улогата во иранскиот филм „Последниот чекор“.
Поротата во натпреварувачката секција- На исток од запад го награди украинскиот филм „Куќа со бедем“.
Меѓу документарците се истакна бугарско-хрватско-германскиот филм на Илиан Метев „Последната итна помош во Софија“ и филмот на шпанскиот режисер Сергиа Оксмана.
Наградата од публиката му беше доделена на белгискиот филм „Аста ла виста“.
Филмот „Смртта на човекот на Балканот“ на срспскиот режисер Мирослав Момчиловиќ е награден од Форумот на независните.
Кристален глобус за извонреден уметнички придонес во светската кинематографија и беше доделен на американската оскаровка Сузан Сарандон. Сарандон со солзи во очите наградата и ја посвети на неодамна починатата режисерка Нора Ефрон.
Ефрон е потпишана под филмовите „Романса во Сиетл“ и „Љубов преку интернет“.
Истата награда на почетокот на Фестивалот ја доби и британската носителка на Оскар, Хелен Мирен.
По официјалниот дел на вечерта, присутните имаа можност да го видат новиот филм „До Рим со љубов“ на култниот режисер Вуди Ален.
|