11.07.2012, 12:09 Седумнаесет години од геноцидот во Сребреница
Со погреб на 520 идентификувани жртви денеска (11.07) во Сребреница се одбележува 17-годишнината од геноцидот во кој животите ги загубија повеќе од осум илјади луѓе
Во Поточари денеска со верски обред ќе биде извршен погреб на посмртните останки на 520 Бошњаци. Меѓу настаните кои ќе го придружуваат одбележувањето на 17-годишнината од масакрот во Сребреница е и промоцијата на книгата на Мирсад Мустафиќ од Сребреница „Последниот крик на енклавата“ во која се говори за вистински ликови од градот.
„Секоја моја книга укажува на злосторства кои ги сториле одредени луѓе, а не цели народи. Секогаш велам дека вината ја сносат поединци, но тие треба да бидат откриени и за тоа треба отворено да се говори и заради идните поколенија и заради помирувањето на овие простори кое е можно и нужно“, вели Мустафиќ.
Во рамките на одбележувањето на сребреничката трагедија за првпат годинава е организиран ултрамаратон Вуковар-Сребреница. Ултрамаратонците претрчаа 227 километри, неретко и на температури кои достигнуваа и 40 степени целзиусови.
„Јас во татковинската војна во загубив братот. Оваа трка му е посветена нему и на сите загинати бранители на Сребреница. Ме прашавте дали беше тешко? Не е кога знаете за што трчате“, вели Душко Штрбац од Загреб.
Петта година по ред беше организиран и Марш на мирот од Жепа до Сребреница.
|