12.07.2012, 11:30 Ренова по формална промоција во Сан Марино
Ренова го совлада Либертас со 4:0 во првиот меч во Куманово и сосема растоварена денеска во Сан Марино ќе оди на формална верификација на пласманот
Само еден од македонските претставници беше сигурен патник во второто квалификациско коло од Лига Европа уште пред да се комплетира првото. Ренова го совлада Либертас со 4:0 во првиот меч во Куманово и сосема растоварена денеска во Сан Марино ќе оди на формална верификација на пласманот.
Предводникот на „гипсарите“, Влатко Костов, уште пред воведниот натпревар не криеше дека Ренова е апсолутен фаворит и оти се' друго освен победа ќе биде сензација. Тоа важи и за вечерашниот реванш, со тоа што високата предност од Куманово отвора простор за тестирање некои варијанти или играчи за второто коло, но никако и за несериозност. Костов сигурно веќе размислува на Гомељ, екипата која најверојатно ќе биде соперник на Ренова во второто коло, бидејќи вечерва треба да одбрани 6:0 на својот терен против Викингур од Фарски Острови.
Меѓутоа, никој од македонската експедиција во Сан Марино не треба да заборави дека секој континентален натпревар е рефлексија на македонскиот фудбал и на неговото реноме. Мечот на „Олимпискиот стадион“ во Серавале почнува во 20,30 часот. (В.А.)
|