13.07.2012, 13:31 Кошаркарките во полуфиналето против Шкотска
Македонија со триумфот над Велс од 106:48 го потврди првото место во групата Б
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска од 18,45 ч. ќе игра со Шкотска во полуфиналето на Европското првенство за мали земји во Охрид, откако со триумфот над Велс од 106:48 го потврди првото место во групата Б.
„Мотивирани сме пред секој меч и максимално влегуваме против секоја екипа. Сега со сите мисли сме свртени кон натпреварот со Шкотска, во кој ќе мораме многу да внимаваме, бидејќи станува збор за квалитетен противник. Можеби техничката страна ни е посилна, но тие физички се доста подготвени“, вели Елена Раденковиќ, која со 19 поени беше најефикасна против Велс.
Покрај искусниот центар, уште пет кошаркарки дојдоа до двоцифен број поени. Едина Муса постигна 18 коша, Славица Димовски 14, Ана Живковиќ 12, Ема Решковска 11 и Моника Гавриловска 10.
Во вториот полуфинален дуел вечерва бранителот на трофејот Малта ќе ги одмери силите со Австрија. (М.К.)
|