11.07.2012, 17:28 Селими претпоследна на СП за јуниори
Валбона Селими заврши на претпоследното место во конкуренција на 45 натпреварувачки во квалификациите на 100 метри на 14. Светско првенство во атлетика за јуниори, кое се одржува од 10 до 15 јули во Барселона. Времето што го оствари 18-годишната членка на атлетскиот клуб Лирија е 13,18 секунди и е послабо за 52 стотинки од нејзиниот личен рекорд поставен во финалето на сениорскиот Куп на Македонија на 2 јули во Охрид. Најдобри во квалификациите беа Американката Дизирија Брајант и Бразилката Тамирис де Лиз, двете со идентично време од 11,56 сек.
Другиот македонски претставник на мундијалот, струмичанецот Ристе Пандев, ќе настапи претпладнево во квалификациите на 200 м, кои ќе стартуваат во 9,55 ч. Личниот рекорд од 22,16 сек., воедно и младински рекорд на Македонија во оваа дисциплина, го постави на Балканијадата за младинци на 24 јуни годинава во турскиот град Ескишехир. (Р.Д.) |