11.07.2012, 14:05 Една од најбогатите жени во Британија најдена мртва
Засега нема објаснување за причината за нејзината смрт, но е уапсен нејзиниот сопруг Ханс Раусинг
Една од најбогатите жени во Велика Британија, Ева Раусинг (48), е пронајдена мртва во нејзината куќа, во отмениот лондонски кварт Кадоган Плејс во Белгревија, соопшти синоќа Скотланд Јард.
Засега нема објаснување за тоа што е причина за нејзината смрт. Претставник на полицијата потврди дека е уапсен нејзиниот сопруг Ханс Раусинг, наследник во шведската бизнис империја Тетра Пак. Тој е уапсен во врска со смртта на сопругата како и за поседување дрога. Одведен е во полициска станица во центарот на Лондон, но веднаш потоа е префрлен во медицинска установа, поради предозираност.
Во возилото на Ева Раусинг полицијата исто така нашла дрога како и лекови за смирување. Брачниот пар Раусинг, кој долги години живее во Велика Британија,каде живее и еден дел од династијата наследници на Тетра Пак се во брак 20 години и имаат четири деца.
За нив од порано се знае дека се зависници на дрогата. Ева, која е Американка и ќерка на еден од богатите членови на Бордот на "Пепси Кола", го запознала својот иден сопруг во една болница во САД за рехабилитација од наркоманијата. Во 2008 година, тие двајцата беа уапсени од лондонската полиција, кога кај нив случајно беше најдена дрога, при влегувањето на прием во американската Амбасада во Лондон. Но, тие подоцна беа ослободени и против нив не беше подигнато никакво обвинување. Ханс Раусинг сениор, свекор на починатата, е рангиран на 88 место меѓу најбогатите во светот на листата на списанието "Форбс", за 2012 година, со имот што се проценува на 10 милијарди долари.
Семејството Раусинг богатството го има направено од откритието на тетра-пак пакувањето во 60-те години на 20 век кога наместо во шишиња, млекото почна да се пакува во специјално направена картонска амбалажа за течности. |