11.07.2012, 13:39 Концерт на канадскиот оркестар „Вест Кост Симфони“ на „Скопско лето“
Симфонискиот оркестар „West Coast Symphony“ е основан во почетокот на 1970-тите години како гудачки оркестар
На Факултетот за ликовни уметности - Сули ан, вечерва во 20,30 часот концерт ќе одржи оркестарот од Ванкувер, Канада, „West Coast Symphony“. Диригент е Бујар Липај од Канада, а како солисти ќе се претстават членовите на македонскиот квартет „Мјузик прогресив“ - Владимир Лазаревски, обоа, Владимир Крстев, виолина, Марко Виденовиќ, виола и Паскал Краповски, виолончело, како и пијанистката Емилија Потевска. На програмата се дела од: Глинка, Бизе, Дуке Бојаџиев, Марко Виденовиќ, Шоре, Пуланк, Офенбах, Чајковски.
Симфонискиот оркестар „West Coast Symphony“ е основан во почетокот на 1970-тите години како гудачки оркестар.
Со текот на годините тој го зголеми својот инструментариум најпрвин додавајќи дувачки инструменти и подоцна удиралки, за да се комплетира како симфониски во средината на 80-тите години. Оркестарот сега претставува седум програми секоја сезона, во Долна континентална Канада, но исто така и во оддалечените области како што се: Боуен Ајленд, Вистлер и Ванкувер Островот. Финансиски оркестарот зависи од донации од поединци и бизниси, како и членарини.
Гостувањето во Скопје, во рамките на „Скопско лето“, е дел од нивната долго подготвувана турнеја во Југоисточна Европа, поточно осум концерти во Албанија и Македонија. Во Македонија веќе настапи во Штип, Кочани и Битола. (Т.И.) |