12.07.2012, 14:53 (ФОТО) Награден стрипот „Волшебното катче на Цане“ на Тхе Мичо
Еден од најдобрите македонски стрип цртачи, беше награден со специјалната награда во чест на Миодраг Величковиќ – Мивел, награда која за прв пат е воспоставена минатата година
Михајло Димитриевски, познат како Тхе Мичо, на Балканската смотра на млади стрип автори ја доби наградата за Сатиричен стрип каиш 2012. Еден од најдобрите македонски стрип цртачи, беше награден со специјалната награда во чест на Миодраг Величковиќ – Мивел, награда која за прв пат е воспоставена минатата година.
Тхе Мичo или Михајло Димитриевски е познат по цртежи за анимираната серија „Еднооки“, стриповите и анимациите за кучето Петко +, цртач на балканските стрип серијали „Вековниците“ и „Забава за целото семејство“, детскиот стрип „Чунга Лунга“ и голем број на други стрипови и илустрации.
„Наградата секако е сатисфакција но посетата на самата смотра е она што мене лично ми беше поважно, разговор со други стрип автори, критичари, размена на стилови да не кажам искуства, запознавање на нови правци во стрипот. Со неколку зборови овој собир е местото кај што мора да се биде за секој стрип автор“, вели Тхе Мичо.
Наслов на наградениот стрип е „Волшебното катче на Цане“, приказната за дете кое се обидува да се снајде во македонските транзициони премрежја притоа соочувајќи се со морални и индивидуални кризи, институционални и социо-културолошки предизвици. Бегството како неминовно транзициско решение е во безбедноста на фантазијата.
Артистичкиот израз на Тхе Мичо беше оценет како сурово реалистичен со ненаметлив сарказам и со присутна натуралистична линија. Стрипот може да се погледне на страната на Македонски стрип форум www.makstrip.com.mk или на фејсбук профилот на ТхМичо.
Балканска смотра на млади стрип автори е еден од најстарите стрип фестивали на овие простори. Се одржува во Лесковац веќе 14 години кој е еден од центрите на стрипот во Србија. На 14-тата стрип смотра учествуваа 394 стрип автори од 16 земји. Македонските стрип автори се редовни учесници и секоја година понесуваат некоја награда.
„Македонската стрип заедница постои и е една од поценетите на овие простори за што зборува и фактот дека секоја година добиваме некоја награда. Се шириме и стануваме се побројни што е одлично и од културолошки аспект затоа што тоа значи дека стрипот како мултимедијална уметност а сепак во ова време класична, не ги изгубил своите вредности и сe уште се јавуваат и млади деца кои се заинтересирани за стрипот“, вели Тхе Мичо.
Наградите беа дефинирани и доделени од страна на жирито составено од Јурица Дикиќ, стрип цртач и карикатурист, Нинослав Миљковиќ, стрип цртач и карикатурист и Предраг Станковиќ, стрип теоретичар и писател.
|