11.07.2012, 15:21 Среќен 50. роденден „РОЛИНГ СТОУНС“!
„Стоунси“ не се појавиле заедно во јавност четири години, но денеска, на денот на нивната прва свирка, Мик Џегер, Кит Ричардс, Чарли Вотс и Рони Вудс ќе се сретнат во Лондон
Славните „Ролинг стоунс“, еден од најдолговечните бендови во светот, денеска го прославуваат 50. роденден, одбележувајќи ја годишнината од нивната прва свирка во лондонскиот клуб „Marquee“.
Пред точно 50 години, на 12 јули 1962, во славниот подрумски клуб во Лондон, својот прв настап пред стотина љубители на џезот го имаа петтемина млади момчиња кои заедно ја сочинуваа „Ролинг стоунс“, група која денеска ја следат милиони обожаватели низ светот.
Како што пишува британски „Гардијан“, Мик Џегер (вокал), Кит Ричардс (гитара), Брајан Џонс (гитара), Иан Стјуарт (калвир), Дик Тејлор (бас) и Тони Чепман (тапани) таа четврточна вечер нервозно настапија пред публика од некои осумдесетина мажи и триесетина жени. Судејќи по фотографиите, меѓу нив најбројни биле вљубениците во џезот, а сведоците раскажуваат дека на публиката и' било потребно малку повеќе време да се загрее за 50-минутната експлозија на американски ритам и блуз.
Во тоа време Џегер и Ричардс имале по 18 години и се' уште живееле со своите родители. Во клупскиот амбиент во кој превладувал мирис на варена кисела зелка, нивниот настап доживеал различен прием. Момците ги смирувале нервите со виски и бренди, а Тејлор се сеќава на многубројните довикувања од публиката кои можеби биле резултат и на недоволната увежбаност на бендот.
Меѓутоа, како што концертот се приближувал кон крајот, атмосферата почнала да се загрева. По завршувањето, членовите на бендот излегле од клубот и отишле на пијалак во пабот „Тотенхем“ и ги поделиле заработените пари.
Во тоа време никој од нив не можел ни да замисли дека ќе станат најпознат светски рок-состав.
Членовите на легендарниот бенд по повод 50. роденден ќе присуствуваат на отворањето на изложбата на фотографии во нивна чест „The Rolling Stones:50“, која ќе биде официјално отворена денеска во Лондон. Во уметничко-културниот центар „The Somerset House“ ќе бидат прикажани графики и фотографии од нивните концерти и студиска работа, како и негативи и необјавени материјали од историјата на бендот. Изложбата ќе биде отворена за јавноста на 13 јули, а ќе трае до 27 август.
„Тоа е наша приказна за 50 фантастични години. Почнавме како блуз-бенд свирејќи во клубови, а во последно време ги полниме најголемите стадиони во светот со настапи какви што никој од нас пред толку години не можеше да замисли“, изјавија членовите на популарниот бенд.
По повод 50-годишнината од посто��њето на групата во продажба ќе се најде и книга со 700 слики и изјави од членовите на бендот кои го одбележаа нивното постоење.
„Стоунси“ не се појавиле заедно во јавност четири години, но денеска, на денот на нивната прва свирка, Мик Џегер, Кит Ричардс, Чарли Вотс (дојден во 1963) и Рони Вудс (1975) ќе се сретнат во Лондон заедно да го прослават златниот јубилеј. Четворката ќе позира на црвениот килим пред фотографите, а потоа преку ретроспективната изложба ќе се потсетат на петте изминати декади.
Славењето ќе продолжи и во наредната година бидејќи „стоунси“ сметаат дека 1963 е нивната вистинска прва година, кога на бендот му се придружи тапанарот Чарли Вотс.
Групата неодамна го претстави и своето подновено лого - црвен исплазен јазик, приспособен на 50-годишнината и сериозно размислува големиот јубилеј да го прослави со голем концерт. |