11.07.2012, 15:22 Фестивал на љубовта и среќата на 28 јули во Охрид
Плажата Градиште во Охрид на 28 јули ќе биде местото на кое ќе се случува „Фестивал на љубовта и среќата“, каде како главни ѕвезди ќе настапат романската атракција Том Боксер и Антониа Морена, како и англискиот диџеј Дино Псарас, еден од пионирите во електронската музика.
Фестивалот ќе биде поддржан од 20 македонски диџеи, забава со пена, жонглери, акробации, перформанси со оган, танчерки...
„Особено сме горди на фактот што ова е веќе второ издание на фестивалот. Минатата година под истото име, на истото место се одржа овој фестивал, привлекувајќи повеќе од 5.000 лица. Со самиот факт што првото издание помина повеќе од успешно, оваа година очекуваме фестивалот да биде многу поголем и помасовен од минатогодишниот фестивал и да стане традиција и реномиран бренд што ќе расте и со текот на годините ќе добива се' поголема поддршка“, велат организаторите. |