28.07.2012, 17:45 СДСМ на средби со граѓаните на Охрид и Дебрца
Раководството на СДСМ овој викенд е во општините Охрид и Дебрца. Партиските челници и пратеници во Собранието вчера имаа средби со граѓаните на Мешеишта, Белчишта, Велмеј, Лешани, Оровник и други места, а ги посетија и приградските населби на Охрид. Активностите продолжуваат со средби со целни групи како што се пензионерите, борците, бизнисмените, спортиситите, работниците, а ќе бидат заокружени со вечерашниот митинг на Градскиот плоштад.
Потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски на денешната средба со граѓаните во Охрид истакна дека резултатите од проектот „Работно лето“ ги надминале партиските очекувања, многу општини пројавиле интерес да бидат вклучени во проектот и затоа партиското раководство одлучило проектот да продолжи во месеците август, септември и октомври со вклучување на уште седум поголеми општини.
Јовановски притоа ја промовираше партиската одлука како кандидат на СДСМ за градоначалничката функција да го избере актуелниот градоначалник Александар Петрески.
- Во изминатиот период и покрај недостатокот на поддршката на централната власт, Охрид со Александар Петрески исто како и во другите општини каде градоначалници се од редовите на СДСМ, продлжи динамички да ја развива локалната економија, рече Јовановски повикувајќи ги праѓаните на Охрид вечерва да дојдат на партискиот митинг на кој ќе биде промовиран нивниот кандидат за иден градоначалник на Охрид.
Петрески истакна дека заштитата на животната средина, пред се на Охридското Езеро, е најважната работа за Охрид. Напомена проекти кои се реализирани и најави дека приоритет во неговиот следен градоначалнички мандат ќе му биде гасификацијата на Охрид, по примерот на Куманово и Струмица. |