30.07.2012, 19:18 Шпанците ги спакуваа куферите
Фудбалерите на „црвената фурија“ го претрпеа и вториот пораз на ОИ во Лондон со што ги загубија шансите за следната фаза
Можеби ги нема Чави и Иниеста, но тоа никако не е и изговор за дебаклот што Шпанја го доживува во Лондон. Фудбалерите од земјата европски и светски првак загубија од Хондурас во второто коло од ОИ, со 1:0 и ги загубија сите шанси за пласман во четвртфиналето бидејќи ова е веќе втор пораз, после оној од Јапонија (0:1) на стартот.
Екипата составена од играчи кои лани беа јуниорски европски прваци, а предводени од асот на Челзи, Хуан Мата, потклекна пред мотивираните фудбалери на Хондурас уште рано во натпреварот. Бенгстон, во седмата минута го постигна клучниот гол, а Шпанците останаа без постигнат погодок и по 180 минути во Лондон.
Во нивната група, четврт-финале обезбеди Јапонија, со минималниот триумф над Мароко, а меѓу најдобрите осум е и Бразил откако со 3:1 ја победи Белорусија. Ренан погоди за кратка радост на Белорусите, но Пато, Нејмар и Оскар ги вратија работите во нормала.
Публиката на „Вембли“ имаше причини за задоволство бидејќи Велика Британија со 3:1 ја совлада селекцијата на Обединети Арапски Емирати. Автори на погодоците беа Гигс, Синклер и Стариџ.
Фудбал
Група А: Сенегал – Уругвај 2:0, В. Британија – ОАЕ 3:1
Група Б: Мексико – Габон 2:0, Јужна Кореја - Швајцарија 2:1
Група Ц: Бразил – Белорусија 3:1, Египет – Нов Зеланд 1-1
Група Д: Шпанија – Хондурас 0:1, Јапонија – Мароко 1:0 |