30.07.2012, 09:38 Басеску останува претседател
Трајан Басеску останува претседател на Романија откако вчерашниот референдум, што го распиша новата романска Влада во намерата да го симне од власта, не успеа заради недоволниот одѕив на избирачите.
Централната изборна комисија соопшти дека на референдумот излегле 45,92 отсто од регистрираните гласачи, а за неговиот успех беше неопходно на избирачките места да се појават барем половина.
Анкетата за изходот од избирачките места покажува дека огромно мнозинство од оние што гласааа, дури 87 отсто, се изјасниле за заминување од власта на претседателот.
Суспендираниот претседател Трајан Басеску по затворањето на изборните места синоќа изјави дека Романците го отфрлиле државниот удар на левоцентристичкото мнозинство, со тоа што не излегоа да гласаат на референдумот за неговото отстранување од функцијата.
-Романците го отфрлија државниот преврат на 256-те пратеници на чело со премиерот Виктор Понта и привремениот претседател Крин Антонеску, рече Басеску од својата викендичка неколку минути по затворањето на изборните места. „Романците одлучија за својата судбина, правејќи го референдумот невалиден“, додаде тој.
Одлуката на Уставниот суд за референдумот ќе се почитува од левоцентристичкото мнозинство, изјави привремениот претседател Крин Антонеску. „Ќе дејствуваме врз основа на почитувањето на сите компетентни институции, и Централната изборна комисија и Уставниот суд“, рече Антонеску веднаш по затворањето на изборните места.
Романскиот премиер Виктор Понта синоќа изјави дека никој не може да ја пренебрегнува волјата на милиони луѓе, кои гласаа на вчерашниот референдум за отстранување од власта на претседателот Трајан Басеску.
-Секој политичар, кој ја пренебрегнува волјата на милиони избирачи, не може да дејствува, рече Понта, повторно ставајќи ја под сомнение легитимноста на Басеску.
|