30.07.2012, 09:21 ОН бараат безбеден пристап до Алепо
Шефицата за хуманитарни операции на ОН Валери Ејмс побара безбеден пристап на вработените во хуманитарните организации до сирискиот град Алепо, во кој 200.000 лица избегале од своите домови.
Околу 200.000 лица избегале од борбите во Алепо и неговата околина во последните два дена, покажуваат податоците на Меѓународниот црвен крст и сириската Црвена полумесечина, изјави Ејмс.
Не се знае колку лица се фатени во стапица во реоните каде се водат борбени дејствија.
-Инсистирам сите што учествуваат во борбите да не напаѓаат цивили и на хуманитарните организации да и обезбедат безбеден пристап до населението блокирано во борбите, за да му укажат итна помош, посочува Ејмс во изјава цитирана од француските медиуми.
-Многу луѓе нашле привремено засолниште во училишта и други јавни згради. Тие имаат потреба од храна, преврски и вода за пиење. Многу сум вознемирена од последиците од бомбардирањата и користењето на тенковите и другите тешки орудија против населението на Алепо, како и на Дамаск и другите градови, додаде Ејмс. |