30.07.2012, 11:24 „Љубојна“ ќе ги затвори 42. Илинденски денови во Битола
„Љубојна“ ќе се претстават со музика инспирирана од Беломорскиот фолклор
Со концертот на „Љубојна“ насловен „Брас Фантази“ денеска во античкиот локалитет „Хераклеа“ ќе биде затворено 42. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови - Битола“.
„Љубојна“ ќе се претстават со музика инспирирана од Беломорскиот фолклор и како што велат ќе понудат побогата и пожива ритмички музика.
- Оние што ќе дојдат ќе може да уживаат во песни, ора и поезија од Егејот. Нашата музика е отворена како и морето. Во неа има бранови што те носат и некој вид скриен авантуризам, изјави Вера Милошевска од групата „Љубојна“.
На концертот на „Љубојна“ ќе му претходи Интернационалната вечер на која ќе настапат фолклорни ансамбли од Грција, Хрватска, Србија и Северен Кипар.
Над 1.000 учесници од земјава и странство ќе настапат на четирите фестивалски вечери на 42. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови - Битола“, што и годинава се одржува во во рамките на Битолско културно лето Битфест. |