30.07.2012, 14:39 За мнозинството македонски граѓани интеграцијата во ЕУ и НАТО нема алтернатива
За 61,4 отсто од граѓаните во Македонија, без разлика на етничката припадност, членството во ЕУ и НАТО е стратешка ориентација на државата
Мнозинството граѓани во Македонија без разлика на етничката припадност (61,4%) сметаат дека членството во ЕУ и НАТО се стратешка ориентација на државата и не гледаат алтернатива на евроатлантските интеграции.
Тоа го посочуваат резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС) спроведено со теренска анкета од 19 до 26 јули на репрезентативен примерок од 1.600 испитаници, во врска со ставовите на граѓаните за надворешната политика на Република Македонија и односите со Европската унија, во поглед на стратешката ориентација и постигнувањата на Владата на тој план.
Прашани за исправноста на надворешната политика на државата, граѓаните се поделени. Околу една третина или 30 отсто сметаат дека надворешната политика на Македонија се води во вистинска насока, 33,6 отсто сметаат дека таа се води во погрешна насока, 23,8 проценти од испитаниците се неутрални, a 12,6 отсто немаат мислење за тоа.
По основ на етничката припадност, кај етничкитe Македонци, 33,7 отсто изјавиле дека надворешната политика се води во вистинска насока наспроти 29 процени кои сметаат дека се води во погрешна. Кај етничките Албанци, пак, 42,6 отсто од испитаниците имаат перцепција дека насоката е погрешна, наспроти 20,6 отсто за кои таа е вистинската.
Прашани за посветеноста на Владата на интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО, 43,2 отсто од анкетираните сметаат дека не прави се што е неопходно за интеграциите, наспроти 37,6 отсто кои го сметаат спротивното. Од испитаниците, 47,3 осто сметаат дека проширувањето не е приоритет за ЕУ, наспроти 34,6 отсто кои мислат дека е приоритет за Унијата. На мислење дека ЕУ не сака Македонија да стане нејзина членка се 44,3 проценти, наспроти 38,4 отсто од анкетираните кои сметаат дека Брисел сака да станеме нејзина членка.
Постои етничка поделеност во перцепцијата за посветеноста за членство во ЕУ. За етничките Македонци, ЕУ не е посветена на членството, за етничките Албанци Владата не е посветена. Вкупно 41,8 отсто етнички Македонци сметаат дека Владата прави се што е потребно за интеграцијата во ЕУ (и НАТО), а повеќе од половината оценуваат дека проширувањето во овој контекст не е приоритет на ЕУ (52,7 %) и дека ЕУ не сака Македонија да биде нејзина членка (51,3 %). Од друга страна, 56,8 отсто од етничките Албанци сметаат дека Владата на Македонија не прави се што е потребно за интеграцијата во ЕУ (и НАТО), како и дека проширувањето во овој контекст е приоритет на ЕУ (52,7 %) и дека ЕУ сака Македонија да биде нејзина членка (57 %).
Секој четврти граѓанин смета дека Македонија ќе стане членка на ЕУ за шест до 10 години и заедно со тие што се поголеми оптимисти, секој втор граѓанин има очекување за членство за десет години од сега. За разлика од нив, секој петти граѓанин смета дека Македонија нема никогаш да стане членка на ЕУ.
Извештајот од истражувањето во целост може да се преземе од веб страницата на МЦМС. |