01.08.2012, 13:45 Сириските христијани бегаат од земјата стравувајќи од Mуслиманското братство
Христијаните кои живеат во Сирија, масовно бегаат од земјата, во соседен Либан каде има бројна христијанска зедница, стравувајќи од Муслиманското братство во земјата, кое е најмоќниот дел од сириските опозициски сили, кои се борат за соборување на власта на претседателот Башар ал Асад.
Во разговор за Би-Би-Си, повеќе членови на сириската христијанска заедница тврдат дека целата на борбата е „забрзана исламизација“ на Сирија, во која доминанта улога има „Братството“ што го сочинуваат ортодоксни сунити. Тие ја обвинуваат Саудиска Арабија дека се наоѓа зад планот за исламизација и доведување на Муслиманското братство на власт.
Претставник на сириските христијани во Либан изјави дека таквиот план е мошне опасен за нив, како заедница, па затоа мора да бараат засолниште надвор од Сирија, но и дека е уште поопасен за земјата, која тешко може да се исламизира, како што тие велат, без тоа да не предизвика натамошно крвопролевање.
- Во Сирија живеат луѓе од разни верски заедници, па насилната исламизација ќе предизвика тешка меѓуверска војна, рече овој претставник.
Ова не е првпат, христијанската заедница да предупредува на опасноста за неа, доколку на крајот победат бутовниците, а особено доколку се создаде власт во која ќе доминираат Муслиманските браќа. кои веќе победија во Египет, а исламските партии се на власт и во Тунис.
Во интервју за телевизија Скај, раководителот на еден христијански манастир во Сирија откри за заканите што ги примаат од приврзениците на бунтовничките сили, за промената што ќе настане по победата на „револуцијата“.
Повеќето сириски христијани на почетокот од бунтот беа на страната на опозицијата, согласувајќи се со барањата за реформирање на земјата и за демократизација, но сега се дистанцираат од неа, затоа што Муслиманското братство ја презеде водечката улога во отпорот, а раководи и со оружените операции. Независни набљудувачи во Лондон оценуваат дека христијанската заедница е приклештена меѓу шиитите и сунитите, во нивната борба за доминација во Сирија. |