03.08.2012, 13:35 (ИНТЕРВЈУ) Имаме профилирана публика која го чувствува блузот
„Една вечер од фестивалот ќе ја посветиме на Џими Хендрикс“, вели Васја Ивановски, уметнички директор на „Блуз и соул“ фестивалот што ќе се одржи на 18 и 19 септември во Универзална
Тина Иванова
Годинашното издание на „Блуз и соул“, фестивалот кој 16 години наназад успева на македонските љубители на блузот да им ги претстави најновите светски и домашни тенденции во оваа сфера, но и традиционалните вредности, прв пат од своето постоење ќе се реализира надвор до рамките на „Скопско лето“. На 18 и 19 септември во Универзална сала, годинашниот „Блуз и соул“ ќе биде посветен на јубилејот, 70 години од раѓањето на Џими Хендрикс, но подетално за програмата, состојбите, атмосферата, не' запознава Васја Ивановски, уметнички директор на фестивалот.
Васја, на самиот почеток да ги запознаеме читателите со содржините на годинашниот фестивал „Блуз и соул“ кој првпат се случува надвор од рамките на „Скопско лето“. Годинава, барем една вечер чинам, ќе биде посветена на легендарниот Џими Хендрикс?
Да, и годинава програмата, како и секогаш, ќе понуди квалитетен избор на изведувачи од повеќе земји. Оваа година музичкиот свет одбележува 70 години од раѓањето на Џими Хендрикс и по тој повод низ светот се одржуваат разновидни манифестации посветени на легендарниот блузер, најчесто концерти, објавување нови музички изданија со необјавен материјал, изложби, па дури и симпозиуми на кои се изучува неговиот лик и она што тој го остави како легат на историјата на музиката. Во таа смисла и ние како фестивал една вечер ќе ја посветиме на Хендрикс со настапот на два бенда кои ја негуваат неговата музика. Ова секако е доволна причина за една незаборавна вечер што ќе се случи во Скопје.
Оваа година како претставник на домашната, македонска блуз-сцена, го имаме популарниот Харе кој ќе го претстави својот проект кој, сигурен сум, ќе предизвика интерес кај љубителите на блузот. Тој е музичар со особен сензибилитет низ кој се профилира блузот како движечки фактор, така што сум убеден дека тој ќе се претстави во своето најдобро издание и ќе биде изненадување за сите љубители на оваа музичка форма.
Од останатите учесници само ќе ги споменам „Marcus Malone Band“ од САД, „Ducks Can Groove“ од Шведска и Stan Slobby од САД, а зависно од конечната финансиска конструкција, постои можност на сцената да се појави и легендарниот бенд од Холандија, „Barrelhouse“, како и извонредните „Morblus“ од Италија.
Која беше причината што го одвоивте фестивалот од „Скопско лето��?
Идејата за постоење на фестивалот потекна од Дирекцијата за култура и уметност која е најзаслужна за реномето со кое оваа манифестација се здоби во изминативе 16 години. Се разбира, со голем труд и ентузијазам кој не остана незабележан и надвор од границите на Македонија. Во меѓувреме, се стекнаа услови фестивалот да се одвои од „Скопско лето“ и да опстојува самостојно што има свои предности кои во иднина ќе дојдат до израз во секоја смисла, а сето тоа треба да резултира во поквалитетна уметничка понуда за вљубениците во блузот. Фестивалот ги прележа сите детски болести, денес е на цврсти нозе и време беше да функционира независно, но со сета можна поддршка на Дирекцијата за култура и уметност како негов основач.
Изминатите години блузот го слушавме на изгор лето, тој се случуваше на отворено и наметнуваше уште поголема жестокост, се разбира, во позитивна смисла. Сметате ли сега дека Универзална е најдоброто решение за фестивалот?
За жал, во Скопје не постои соодветен простор за околу 500-800 луѓе, нешто како џез и блуз-клуб кој редовно би ги презентирал познатите имиња од светската сцена. Затоа моментно Универзална сала е оптимално решение. Остварена е добра соработка и се чини дека во иднина одлични концерти ќе се случуваат токму на тоа место. Идејата на Дирекцијата за култура и уметност е во текот на годината, покрај фестивалот, да има уште неколку концерти, така што би се остварил одреден континуитет во случувањата. Веќе во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“, која Дирекцијата традиционално ги организира во ноември, предвиден е и еден концерт со познати блуз-имиња. Инаку, отворен простор е погоден за одржување ваков вид манифестации, но е поврзан со исполнување одредени логистички услови кои неретко не се совпаѓаат, така што се создаваат одредени проблеми, кои сега во овој случај ќе се одбегнат.
Споменавте, на некој начин, дека фестивалот ќе ги дисперзира своите содржини. Планирате ли некои други проекти кои се тесно врзани за „Блуз и соул“, книги, монографии, ЦД-а, концерти можеби во другите градови во земјава?
Дирекција за култура и уметност подготвува неколку проекти, а еден од нив е издавање серија компакт-дискови со музика од фестивалот. Контактирав со музичарите и речиси сите се согласија и одобрија употреба за користење музика од нивниот настап во Скопје, нешто што го немаат ниту многу поголеми фестивали во светот. Се собира материјал за можна монографија со извонредни фотографии и интересни настани со музичарите, можеби тоа ќе прерасне во сериозна книга, ќе видиме. Можна е изложба на фотографии и плакати од фестивалот... Во секој случај, ќе има интересни настани кои секој на свој начин ќе придонесе за понатамошна афирмација на фестивалот. Во перспектива планираме и настапи надвор од Скопје, во места каде што постои интерес, така што пошироката публика ќе има можност да проследи одлични свирки, на пример, во Битола, Штип, Прилеп, Велес...
Како во денешнава криза опстојува фестивалот, задоволни ли сте од финансиски аспект?
Што се однесува до финансиите, не би можеле да се фалиме премногу. Но, издржуваме благодарение на наши пријатели кои ни помагаат да опстоиме и верувам дека во иднина, со поголем буџет, на нашата публика ќе и' подариме уште поблескави настапи на врвните светски ѕвезди од типот на Buddy Guy, Allman Brothers, па и Eric Clapton (ако можел да дојде во Белград, може и до Скопје).
Можете ли како селектор, како уметнички директор да издвоите неколку од настаните од изминативе години што силно Ви ја загреале душата?
Во изминативе 16 години се случија извонредни свирки и тешко е да се одбере само еден настан. Фестивалот менуваше локации, од Куршумли-ан, „Колосеум“ во Градски парк, „Хард рок“ и Универзална сала и секој простор имаше свои блескави моменти. Толку извонредни музичари се појавија на споменатите локации што е тешко да се издвои само еден. Лично ги паметам настапите на Mighty Sam McClain, Michael Hill"s, Blues Mob, Alvin Youngblood Hart, Eric Sardinas, Bernard Allison. Од историска гледна точка, незаборавен беше настапот на David Honeyboy Edwards, кој патуваше и свиреше заедно со Robert Johnson, тој беше најдиректна врска со корените на блузот и како таков ќе остане забележан, дека тој беше дел од учесниците на скопскиот блуз-фестивал. Имињата што ги спомнав, а и останатите кои настапија овде, се дел од врвот на светската блуз-сцена, повеќето од нив денес се мои искрени пријатели со кои одржувам редовен контакт.
Имаме ли профилирана публика која го чувствува блузот, ги едуцира ли „Блуз и соул“ новите генерации?
Фестивалот на некој начин служи и за едукација на публиката и сметам дека нашата пионерска работа дава резултати. Не е тоа во некои екстремни бројки, но имаме профилирана публика која го чувствува блузот, препознава квалитет, конечно, исти луѓе со години ги среќавам на фестивалот, што е сатисфакција за добро сторената работа. Младата популација покажува интересирање, се појавуваат млади и талентирани музичари кои заслужуваат внимание, па во блиска иднина и тие ќе имаат шанса да се појават на сцената заедно со некои од своите идоли! |