03.08.2012, 09:44 Анан се повлекува од функцијата меѓународен посредник за Сирија
Поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан на крајот од месецов се повлекува од функцијата меѓународен посредник на ОН и Арапската лига за Сирија, што претставува уште еден знак дека шансите за дипломатско решение на конфликтот се никакви.
Анан како една од причините за неговото повлекување ги наведува несогласувањата и взаемните обвинувања во 15-члениот Совет за безбедност на ОН.
- Милитаризирањето на конфликтот и немањето едногласност во СБ целосно ја променија мојата улога, изјави Анан на прес-конференција во Женева. Според него, тој не ја добил потребната поддршка за својата мисија поради расколот во меѓународната заедница.
Тој изрази очекување дека неговиот план од шест точки ќе продолжи да се исполнува и по неговото заминување, како и дека Групата за помош на Сирија ќе продолжи да постои.
Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин изјави дека Москва жали поради одлуката на Анан. Тој додаде дека Анан има уште еден месец од мандатот, кој може ефективно да го искористи за постигнување на својата цел за прекин на насилството во Сирија.
Мандатот на Кофи Анан истекува на 31 август. |