03.08.2012, 15:08 Руски воени бродови се упатија кон Сирија
Москва испраќа три големи десантни бродови со маринци во сириското пристаниште Тартус.
Големите десантни бродови на Северната флота, кои се наоѓаа во Средоземното Море, ќе пристигнат следните неколку дена во руската база за материјално-техничко обезбедување во сириското пристаниште Тартус, изјави денеска извор од Генералштабот на руските вооружени сили.
Истиот извор додаде дека кон трите десантни бродови ќе се приклучат уште три бродови од составот на руската Црноморска флота и од одделенијата на руските Воено-поморски сили во Северното Море.
На секој брод има по 120 маринци со автоматско оружје и воена техника, дополни истиот извор.
Бродовите во Тартус ќе пристигнат кон крајот на оваа или на почетокот на следната недела и ќе останат таму неколку дена, по што ќе се упатат кон североисточниот дел на Средоземното Море, истакна претставникот на Генералштабот, без да појасни дали маринците ќе останат во Тартус, за да ја гарантираат безбедноста на базата и на оружјето, кое се наоѓа таму. Во базата работат околу сто руски војници.
Трите руски десантни бродови учествуваат во моментов во вежби во Средоземното Море.
Според западните медиуми Русија се подготвува за евакуација на своите граѓани од Сирија, а присуството на десантните бродови во Тартус е неопходно за гарантирање на безбедноста на операцијата.
Пристаништето во Тартус е единствената активна военопоморска база на Русија надвор од територијата на поранешниот Советски блок.
Воено-дипломатски претставници изјавуваат дека загубата на базата во Тартус за Русија би претставувала стратешки удар. |