03.08.2012, 14:15 Обама за роденденски подарок ја посака Флорида
Американскиот претседателот Барак Обама се пошегува вчера за време на митингот на неговите приврзаници дека за неговиот 51. роденден, овој викенд би сакал за подарок да ја добие Флорида, бидејќи таа сојузна држава е клучна за победата на претседателските избори на 6 ноември.
- Ќе го прославам 51.роденден в сабота, рече Обама во Орландо, каде пристигна во рамки на својата изборна кампања.
Флорида е клучна во политичката борба со противкандидатот на Обама, републиканецот Мит Ромни за влез во Белата куќа.
Cобраните приврзаници на Обама му испејаа „Среќен роденден“ на што тој одговори: „Да знаев дека ќе запеете ќе нарачав торта. Потоа ќе дував свеќички. А можеби би посакал некоја желба поврзана со изборите: Победата на Флорида не би била лоша како роденденски подарок“.
Обама на Флорида го победи на изборите во 2008 година, тогашниот републиканец кандидат, Јон МекКеин, но трката овој пат е поостра заради економската криза, која бројни жители од таа југоисточна американска држава ги остави без домови, откако им беше запленет недвижниот имот.
Анкетата на Универзитетот Квинипиак, Си-Би-Ес Њус и „Њујорк тајмс“ објавена во средата покажа сепак дека Обама во таа држава би добил 51 отсто од гласови, а Мит Ромни 45 проценти.
Републиканските противници го искористија роденденот на Обама за да му испратат саркастични електронски роденденски честитки.
- Господине претседателе, не можам да си дозволам да ви купам некој подарок и затоа ви го предавам сето што ми е останато, пишува во една од пораките, која е потпишана од „невработен“.
Претседателот планира да го прослави роденденот една недела подоцна на 12 август во семејната куќа во Чикаго. |