03.08.2012, 17:08 Смени го каналот
Хуманизам и ренесанса со електрошок
Јасминка Павловска
Скопје станува еден сосема друг град на почетокот на август. Како да живеете во еден сосема друг град, во кој можеби никогаш нема да биде подобро, но со надеж и очекување дека ќе заврне дожд по низата јулски денови наредени еденподруг, со четириесетина степени Целизусови.По горештината, се чини, не може да се верува никому, па дури ни себеси, а особено не на ТВ-дневниците, ако сте толкав среќник (или баксуз), на почетокот на август да останете во Скопје осудени на телевизорот.
Значи, во првиот ден на август, кога Скопје почна да станува еден сосема друга град, половично облеан со дожд, несвесен дека и тој станал третиот центар во државава за одбележување на двата Илиндена (по Крушево и Пелинце), уште на пладневниот Дневник на Сител го добивате воздржано насмевнатиот Латас, кој стручно и ентузијастички ни објаснува дека тоа што Владата не ги намалува акцизите на горивата е само затоа од нас, граѓаните да направи хуманитарци и социјално освестени личности. Значи, кажано со едноставни зборови, според Латас, со секое зголемување на цената на горивата, на секои две седмици, автоматски стануваме похумани хуманисти, иако можеби под влијание на побрзо намалениот лимит на платежната картичка, несвесни за нашата хуманитарна величина. Соживувањето со сопствената хуманистичка димензија се потврдува и понатаму додека трае јавувањето во живо (исто за Сител, и исто за Латас) од новата хидроцентрала „Света Петка“, но необјасниво е чувството на ненадејна топлина среде лето. Не може да се утврди дали потекнува од чувството на емпатија со новинарот облечен во карирана кошула со долги ракави, закопчан до последното копче на вратот, или само од спарината по дождот, или конечно од новоосознаениот сопствен хуманизам?
Во состојба на новосебеспознание, несвесни за постапките, некако телевизоро�� си се наместил на програмата на Алфа, токму во мигот кога презентерот на Вестите панично извикува: „ од денеска струјата поскапе за 10 отсто, а се укина и евтината тарифа“. По хуманистичкото електризирање на гледачката доблесност од страна на Латас, оваа информација доаѓа нешто како полевање со студена вода, или полнење со спротивен електрицитет на духовноста. Сеедно! И во двата случаи има ефект на електрошок. Но „електрошокот“ не е од поскапувањето за 10 отсто на струјата. Не, не воопшто тоа не беше за шокирање, зашто Регулаторната комисија и ЕВН барем еден месец ја подготвуваа нашата хуманост, со наводното натегање за поскапувањето. ЕВН божем мора да сака, а Регулаторна, божем не дава. На крајот Регулаторна не' предаде, ама ние си бевме хуманистички подготвени. Каде помагаме на сите, ЕВН ли кусо да остане? Електрошокот беше од укинувањето на евтината тарифа, која според најавата и прилогот во попладневниот Дневник на Алфа, сосема се укина - и за ден, и за ноќ, и за недела... и засекогаш!
За среќа пак, се покажа дека каскадната терминска поставеност на дневниците на македонските телевизии, може понекогаш да влијае и поволно на здравствената и менталната состојба. По Вестите на Алфа, дојде на ред Телма, а таму фино си кажаа дека се укинува само дневната евтина тарифа на струјата. По хуманистичкото воспитување од Латас, па електрошокот од Алфа, Вестите на Телма, дојдоа како ренесанса - повторно раѓање. И тоа токму пред Илинден, благодарение на ТВ - Дневниците, ЕВН и Регулаторната комисија станавме хуманитарно - ренесанси луѓе. Навистина само со укината дневна евтина тарифа за струјата, но останува надежта кога сосема ќе ни ја укинат и повторно ќе ја поскапат струјата, да се разбудиме во барок. Едно е сигурно, Скопје станува сосема друг град на почетокот на август, без оглед кој период од историјата го живее. Веројатно затоа што скопјани и сите што се чувствуваат и сакаат да станат такви, го напуштаат. Освен оние кои се осудени на телевизорот!
П.С. Латас никогаш потоа, во овие три изминати августовски денови воопшто не кажаа дека поскапе струјата, а збор да не стане за укинување на евтината тарифа. Дали во Сител струјата е по стара цена? |