25.12.2012, 12:47 Кире Лазаров од утре во Пореч
Капитенот ќе ја предводи репрезентацијата во тест-мечот в петок со „бронзената“ Саудиска Арабија од азискиот шампионат
Капитенот Кирил Лазаров утре треба да им се приклучи на подготовките на македонската ракометна репрезентација во Пореч. Минатиот викенд на најдобриот македонски ракометар му завршија обврските спрема Атлетико Мадрид, со кој играше на завршниот турнир од АСОБАЛ-купот во Виго.
Од 20 играчи што селекторот Звонко Шундовски ги повика за десетдневниот тренинг-камп во хрватскиот приморски град нема да се појави само голманот на Гумерзбах, Борко Ристовски. Него утревечер го очекува првенствениот дуел со Минден од германската Бундес-лига, а има проблеми и со коленото, па на соиграчите од националниот тим ќе им се придружи на повторниот собир на 2 јануари во Скопје.
Избраниците на Шундовски в петок од 18 ч. во Пореч ќе го одиграат првиот контролен натпревар во рамките на финалната фаза од подготовките за претстојното Светско првенство што ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија. Противник ќе им биде Саудиска Арабија, која исто така ќе учествува на мундијалот, за што се избори со освојувањето на третото место на азискиот шампионат во февруари годинава, на кои беше домаќин и каде што во малото финале ја совлада Јапонија со 24:20. Селектор на Саудијците е хрватскиот ракометен стручњак Ненад Кљаиќ.
Македонија токму против Саудиска Арабија ја оствари својата прва победа на светските шампионати, кога во своето деби во Египет 1999 славеше со 28:21. Двете селекции се сретнаа и на „Жолтиот куп“ во швајцарски Винтертур пред три години и тогаш Македонија победи со 29:28.
Македонија на СП ќе игра во групата Б во Севилја заедно со Чиле, со Катар, со Исланд, со Русија и со Данска по тој редослед, а Саудиска Арабија во групата Ц за противници ги има Србија, Полска, Јужна Кореја, Белорусија и Словенија. (Р.Д.)
|