20.12.2012, 23:41 (ФОТО) Цибона „расчистена“, на ред е Широки
Македонскиот шампион вторпат ги доби „волците“ и во последниот меч на домашен терен годинава славеше со 82:76
Марија Ковачева
ФОТО: Петр Стојановски
Фантастичното издание на МЗТ Скопје во 14. коло од АБА-лигата му ја исполни една од најголемите желба - победа пред верните навивачи во последниот меч за оваа година. Ако до пред некое време многумина размислуваа дека добрите резултати на македонскиот шампион во регионалното натпреварување се случајни или, пак, дел очекуваа дека триумфалниот поход на Алеш Пипан и неговите кошаркари брзо ќе заврши - згрешија.
Можеби МЗТ Скопје низ Јадранот плови со мал буџет, но има големо срце. Ова можевме да го видиме на реванш-средбата против големата Цибона, која вторпат сезонава засилена со двајца кошаркари не можеше да најде решение за маестралната игра на нашиот тим, па на крајот мораше да се помири со поразот од 82:76.
Во салата „Борис Трајковски“ 3.500 навивачи во ниту еден момент не се покајаа што одлучија да им ја дадат поддршката на „штрковите“ за што во текот на целиот натпревар и секако на крајот беа наградени со голема осма победа во АБА-лигата за делба на петтото место на табелата со Унион Олимпија.
„Ова е голема победа за нас, над силниот состав на Цибона. Тие дојдоа осетно засилени во Скопје, но ние успеавме да ја продолжиме серијата позитивни резултати на домашен терен. Морам да ја пофалам фантастичната публика, која ни помогна во самата завршница, без нив немаше на крајот да го издржиме притисокот“, изјави центарот на МЗТ Скопје Урош Николиќ.
На почетното водството на хрватскиот гигант (0:6) МЗТ Скопје веднаш одговори со серија од 9-0 за преземање на контролата. Прво поведе со 9:6, а потоа првата четвртина ја заврши со 17:13.
Овациите и одушевувањата дојдоа во втората четвртина. Македонскиот шампион предводен од одличниот Кејд Дејвис и неговите 11 поени во овој дел од мечот на момент направија да заборавиме дека за противник имаат тим со богата - трофејна историја. Водството од плус 15 на полувреме (48:33) беше сосема реална слика на теренот.
Во продолжение гостите се обидоа да се вратат, на стартот на последната четвртина користејќи ја четвртата лична грешка на Тодор Гечевски се доближија на 63:59, но тука застанаа. Дотогаш тивкиот Дамјан Стојановски ја презеде одговорноста. Неговата тројка за 66:59 најави дека МЗТ Скопје нема намера да загуби добиен меч. Во 34. минута „сино-белите“ ја вратија двоцифрената предност (75:64), по што Цибона го направи последнио�� обид за посакуваниот реванш. „Волците“ намалија на 78:76, но повторно Дамјан Стојановски им пресуди. Неговата мирна рака од линијата за слободни фрлања го урна хрватскиот тим, а на крајот најефикасниот кошаркар на теренот Дејвис со атрактивно забивање ја дигна на нозе целата публика.
„Малку се плашев од овој натпревар, пред се' поради одложување на мечот што влијаеше на нашата фокусираност на почетокот. Сепак, и самите видовте што се случи, нашите кошаркари покажаа фантастичен карактер, одиграа одлично иако имавме проблеми со фаули и со дефанзивниот скок. Цибона притискаше се' до самиот крај, но ние не дозволивме да се врати во мечот. Без оглед на слабата форма, Цибона секогаш е Цибона, атакува на победа на секој меч, но ние не им дозволивме да се радуваат вечерва“, вели стратегот Алеш Пипан. „Во моментов сме шести, но најлошо од се' е да се гледа табелата, најважно е да се фокусираме само на следниот меч, да размислуваме на еден по еден натпревар. Нема секогаш да победуваме, ќе се случи да загубиме некој натпревар, но сакам и кога тоа ќе се случи да загубиме со карактер“, додаде во продолжение Словенецот.
Американецот во редовите на МЗТ Скопје Дејвис со 21 поен, четири скока и две асистенции беше прв стрелец. Дамјан Стојановски застана на 11 поени од кои девет ги постигна во последната четвртина. Гечевски мечот го заврши со 12 поени, а додека Урош Николиќ и Никола Оташевиќ реализира по десет поени.
По една ваква игра македонскиот шампион го доби епитетот - најискусен тим во АБА-лигата. Нешто што пред почетокот на сезоната не фигурираше во ниту еден коментар, најава...
„Кога се има голема разлика во енергијата и трудот во двете полувремиња, тешко е да се добие натпреварот. На една искусна екипа како што е тоа МЗТ секако ќе му одговара. Екипите на Игокеа и МЗТ се најискусните екипи и им одговара кога ќе им се дозволи да ја играат својата игра и да влезат во својот ритам. Цело време се договаравме да го спречиме тоа. Иако игравме добро во вториот дел и почнавме да ги стигнуваме резултатски, не успеавме до самиот крај да го свртиме резултатот во наша полза“, изјави тренерот на Цибона, Даниел Луц.
Следен противник на МЗТ Скопје е тимот на Широки. Пипан и неговите избраници немаа доволно време за одмор, одложениот дуел со Цибона два дена подоцна наруши дел од плановите на македонскиот шампион. И покрај тоа искусниот стратег веќе има скроено тактика, но истовремено од своите играчи бара славењето по големиот триумф да го остават за некое друго време.
„Мора да останеме цврсто на земја. И на момците им имам кажано кога победуваме не треба да се радуваме многу, истото важи за поразите по кои не треба да тагуваме. На Широки му гори под нозе, бара сламка за спас од испаѓање во лигата. Без разлика на ова, одиме по двата бода, само треба да одиграме храбро. Нашиот противник има свои слаби страни, наша задача ќе биде да ги нападнеме“, најавува Пипан, кој открива дека поради недостиг од двајца-тројца кошаркари во ротација (пред се' поради повредите на дел од нив) останатите играат на граница на своите можности. За темпото што го налага Словенецот, дефанзивен скок и брз контранапад, потребен е комплетен состав. И покрај овие проблеми тој е задоволен од играта на своите кошаркари и верува дека и на последниот меч против Широки за оваа година ќе ја повторат истата игра и вторпат ќе го добијат босанскиот тим.
Мечот Широки - МЗТ Скопје во рамките на 15. коло е закажан за в недела со почеток во 17 часот.
МЗТ Скопје - Цибона 82:76
Резултат по четвртини: 17:13, 31:20, 15:24, 19:19. Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 3.500. Судии: Јовчиќ - Маричиќ - Јурас.
МЗТ Скопје: О. Стојановски, Грнчаров, Д. Стојановски 11, Гечевски 12, Николовски 4, Чековски 4, Николиќ 10, Оташевиќ 10, Марковски 2, Бакиќ 8, Дејвис 21.
Цибона: Кус 11, Зубчиќ 2, Машиќ 6, Шариќ 5, Марчиновиќ 5, Паркер 6, Розиќ 5, Јагодиќ - Куриџа, Ковачевиќ, Стробери 14, Жижиќ 12, Хамилтон 10.
Резултати: Цедевита - Будуќност 84:75, Игокеа - Широки 89:73, Унион Олимпија - Раднички 81:75, МЗТ Скопје - Цибона 82:76.
Табела
1. Игокеа 14 12 2 1095:964 26 2. Ц. звезда 14 9 5 1123:1010 23 3. Цедевита 14 9 5 1065:1025 23 4. Партизан 14 9 5 1034:1000 23 5. У. Олимпија 14 8 6 1107:1074 22 6. МЗТ Скопје 14 8 6 999:996 22 7. Будуќност 14 7 7 1019:986 21 8. Раднички 14 7 7 1098:1074 21 9. Задар 14 6 8 1033:1066 20 10. Цибона 14 5 9 1038:1052 19 11. Крка 14 5 9 985:1054 19 12. Сплит 14 5 9 990:1087 19 13. Широки 14 4 10 1011:1050 18 14. Шолнок 14 4 10 979:1138 18
Идно, 15. коло (22/23/24 декември): Крка - Партизан, Ц. звезда - Задар, Сплит - У. Олимпија, Широки - МЗТ Скопје, Цибона - Шолнок, Раднички - Цедевита, Будуќност - Игокеа.
|