21.12.2012, 13:57 Ферари го претпочита Фетел пред Хамилтон
Претседателот Ди Монтеѕемоло е за Германецот, бидејќи е помлад и нема променето многу тимови
Трикратниот светски шампион во Формула 1, Себастијан Фетел, би бил првиот избор на Ферари ако некогаш треба да го заменат Фернандо Алонсо, навести претседателот Лука ди Монтеѕемоло. Возачот на Ред бул беше поврзуван со Ферари во многу наврати сезонава, при што се зборуваше и за преддоговор за 2014 година, иако 25-годишниот Германец и неговиот тим се обидоа да ги отфрлат шпекулациите.
Зборувајќи во фабриката на Ферари во Маранело, Монтеѕемоло не остави никаков сомнеж во врска со определбата на италијанскиот тим за Фетел.
„Ако од која било причина Фернандо Алонсо треба да замине еден ден, можеби поради тоа што сака да се повлече на Хаваи со својата девојка, тогаш го сакам Фетел“, изјави тој за германските медиуми. „Себастијан е потенцијален возач на Ферари во иднина“.
Дали Фетел и Алонсо некогаш ќе бидат тандем во Ферари останува да се види, меѓутоа, Ди Монтеѕемоло има кажано дека не сака да има „два петла во ист кокошарник“. Повеќе би сакал двајца возачи „кои се тркаат за Ферари, а не за себе“.
Ди Монтеѕемоло изјави дека Алонсо, Фетел и Луис Хамилтон јасно се издвојуваат над остатокот возачи во Формула 1 и оти тој го претпочита пилотот на Ред бул во однос на Британецот „бидејќи тој е помлад и не променил многу тимови“.
Фетел исто така е топло препорачан од седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер, кој освои пет титули во низа со Ферари.
Хамилтон, светски првак од 2008 година, в година ќе вози за Мерцедес по шест години поминати во Мекларен. Тој ќе наполни 28 години во јануари.
Двократниот светски шампион Алонсо (31) има договор со Ферари најмалку до крајот на 2016 година.
„Бескрајно сум задоволен од Алонсо. Тој е повеќе од возач, тој е клучна фигура. Тој се вклопува во замислата за совршено функционирање на тимот“, рече Ди Монтеѕемоло за Шпанецот, кој заврши втор во вкупниот поредок сезонава, зад Фетел.
|