24.12.2012, 15:50 „Фрик фестивал“ со гости од Белград
Фестивалот почнува вечерва, а дутре ќе биде одиграна претставата „Кабаре: Зад огледалото“, иницијатива родена од група на трансродови сексуални работници
Со светска премиера на долгометражниот документарен филм „Метрополис“(САД) во Кинотека на Македонија вечерва во 20 часот ќе почне четвртото издание на „Фрик фестивал“, кој во Скопје ќе се одржува и утре, а вечерва ќе биде придружен и со проекција на интернационалната селекција на видеоарт и експериментален филм. Продуцент на „Метрополис“ е „Tides of flame“, a тој ги анализира превозниот систем, водоводната мрежа, увозот на храна и електричната мрежа. Најавен е како филм што или ќе ја промени човековата замисла за урбаната реалност и ќе потсети на итноста со која мора да се донесе конечен избор: да се продолжи по сегашната патека или засекогаш да се напушти. Тој го открива внатрешното функционирање на четирите главни корпорации, детално ја образложува хиерархијата на државата и, воедно, ја истражува секојдневната комуникација меѓу луѓето што се случува низ улиците на градот. Филмската програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура.
Утре, пак, во кино „Фросина“ со почеток од 20 часот ќе гостува претставата „Кабаре: Зад огледалото“ во продукција на центарот „РЕКС“ и „Слобода права“ од Белград по што ќе следи прослава со музички избор на Славјан Стварно Стојанов.
„Кабаре: Зад огледалото“ е иницијатива родена во зимата 2011 година, од група на трансродови сексуални работници од Белград. Уникатна е по тоа што не ја дефинира формата или медиумот, по тоа што ги поврзува уметниците и сексуалните работници во опишувањето на социјалните, политичките и правните рамки, кои влијаат на општествениот статус и на животот на оваа маргинализирана група и, конечно, по тоа што бара од јавноста да се вклучи во поширока расправа за прашањата поврзани со човековите права. Гостувањето на претставата е поддржано од фондацијата Отворено општество Македонија.
Велимир Жерновски од „Фрик“ посочува дека оваа формација верува дека еден од најдобрите и најефектни начини за директна акција во јавната сфера е токму културниот дискурс и дека токму преку понуда на политички ангажирани продукции можат да постават некаков здрав темел за понатамошна борба.
„И покрај фактот дека уметничката сцена во Македонија покажува исклучително низок интерес кон ангажманот на уметничката продукција во цели со социополитичко активистичка димензија, ’Фрик’ верува дека токму преку алтернативните начини на работа, презентација и артикулација со уметноста можеме вистински да придонесеме кон совладување на апатијата која владее веќе подолг период и пр��ку мобилизација како на културните работници така и на самите припадници на маргинализираните заедници да создаде фронт на супкултурна сцена која секогаш ќе ги препознае опасностите кои ги носи национализмот и навремено ќе реагира, преку субверзивни акции и продукции“, вели тој.
Посочува дека претставата „Кабаре: Зад огледалото“ е иницијатива која е уникатна по тоа што не ја дефинира формата или медиумот, што ги поврзува уметниците и сексуалните работници во опишувањето на социјалната, политичка и правна рамка кои влијаат на општествениот статус и животот на оваа маргинализирана група. Таа, вели Жерновски, конечно бара од јавноста да се вклучи во поширока расправа за прашањата за човековите права.
„Тоа не е прашање само на креативниот процес, или самоизразувањето, овој проект ја презема одговорноста и инсистира на поголема видливост. Претставата е нова продукција и до сега е изведувана само во Белград каде што предизвика особено внимание во јавната свера, бидејќи станува збор за еден релативно нов и иновативен начин на отворање на прашањата поврзани со родовиот идентитет на овие простори“, вели Велимир Жерновски.
|