27.12.2012, 16:07 Поддршката на македонскиот роман е нула
Воведничари на трибината „Време на романот“, која се одржа во аутлет-книжарницата на „Феникс“, беа писателите Александар Прокопиев и Васил Тоциновски
„Живееме во време на роман, за жал или за среќа, зависи од кој агол се гледа. Сведоци сме на апсолутна доминација на прозата, што е тренд и во светот, не само кај нас. Повод за овој настан што го организираме денеска, е да се согледа романескната продукција во Македонија“, рече писателот Христо Петревски на денешната трибина „Време на романот“, која се одржа во аутлет-книжарницата на „Феникс“. Тој додаде дека во Македонија има романсиери кои се врвни и кои добиваат и меѓународни признанија, а го спомена и податокот дека читателите се' повеќе се интересираат за македонските романи, што не беше случај во блиското минато.
Воведничари на трибината беа писателите Александар Прокопиев и Васил Тоциновски, кои зборуваа за моменталната состојба на романот кај нас, како и за недостигот од книжевна критика која би ја дала реалната слика за македонската литература.
За Прокопиев, романот стана доминантен жанр насекаде во светот, па и кај нас. „Романот е најмакотрпното, најобемното и понекогаш најуспешното книжевно дело. Иако и кај нас, како и секаде, има кусоздивни романи, сепак можеме да се пофалиме со врвна романескна продукција, со инвентивни дела. Она што го одликува македонскиот роман е бројноста, а сега веќе и квалитетот“, рече Прокопиев, кој истакна дека кај нас проблем е критичката мисла која секогаш задоцнува.
За Васил Тоциновски, романот е величество. Тоа е дело што најмногу се бара и создава нови теории. „Македонската литература го следи трендот во светот, но сметам дека ни недостига самопочит. Треба да се почитуваме меѓусебно повеќе отколку да чекаме на меѓународно признание. Сепак, ние постоиме, пишуваме и имаме дух. Македонските романсиери со своите естетски вредности отвораат нови подрачја во теоријата на литературата. Тие покажуваат храброст, покажуваат дека имаат дарба и за мене секој нов роман е откритие“, рече Тоциновски.
На трибината, во публиката, присуствуваа неколкумина македонски писатели, меѓу нив и Блаже Миневски, кој зборуваше за поддршката на македонскиот роман оценувајќи ја со нула. „Не само во однос на средствата, туку во однос на неможноста нашите романи да излезат надвор. Ние немаме агенција за пласман на македонската книга. Критиката овде не само што доцни, туку ја немаме никаде на повидок, а таа треба да постави параметри на вредност. Имаме државно поддржани списанија кои немаат никакви критики, туку само промотивни текстови кои ја искривуваат сликата за македонската книжевност“, рече Миневски. Роберт Алаѓозовски истакна дека има голем корпус на добри дела и добри техники на пишување, и додаде оти го завршил својот втор роман кој е продолжение на „Готен“. (Т.И.) |