28.12.2012, 13:10 Челзи со долгорочен договор за Бенитез
Рускиот милијардер Абрамович е задоволен од сработеното на шпанскиот тренер во изминативе два месеци откако е дојден на клупата на тимот од „Стемфорд бриџ“
Првиот човек на Челзи Роман Абрамович планира да му понуди нов долгогодишен договор на новиот менаџер Рафаел Бенитез. Рускиот милијардер е задоволен од сработеното на шпанскиот тренер во изминативе два месеци откако е дојден на клупата на тимот од „Стемфорд бриџ“. Бенитез дојде на местото на Роберто ди Матео, кој доби отказ по серијата слаби резултати на актуелниот европски првак. Челзи не успеа да ја помине групната фаза од Лигата на шампионите, а по доаѓањето на Бенитез играта и резултатите се стабилизираа. Лондонскиот тим победи на шест од последните седум меча, во кои даде вкупно 26 погодоци.
Актуелниот договор на Бенитез е до крајот од сезонава. По доаѓањето на новиот тренер „живна“ и напаѓачот Фернандо Торес, кој даде седум погодоци во последните седум меча. Поранешниот стратег на Ливерпул не беше најдобро дочекан од навивачите на „сините“ кои му ги памтат навредливите изјави кои ги даваше додека тој беше на чело на ривалот на Челзи. Екипата на Абрамович моментно заостанува 11 бода, но има и меч помалку во однос на лидерот во Премиер-лигата, Манчестер јунајтед.
Претходно се шпекулираше дека Пеп Гвардиола ќе го преземе Челзи на крајот од сезонава, додека како можен нов тренер се споменува и Жозе Мурињо.
|