30.12.2012, 15:21 Велешанец се спасил бегајќи од автомобил заглавен на пруга
Велешанец утрово имал среќа кога навреме истрчал од автомобилот, во кој подоцна удрил патнички воз. Тоше Ѓ. (50) се спасил откако неговиот автомобил застанал на пругата Велес- Битола, а тој во последен момент скокнал, автомобилот е уништен. Според СВР Велес несреќата се случила во 8 часот на железничкиот премин во населбата Превалец, кога патничкиот воз од Скопје за Битола удрил во автомобил „југо“, со велешки регистарски таблички. Во инцидентот немало повредени. Сведоците на настанот велат, возачот се спаси од најлошото.
„Колата се движеше кон Велес, кога среде пруга застана, изгасна. Возачот се обиде да ја стартува, но безуспешно. Знаците светеа а свиреше и звучниот сигнал, дека доаѓа воз. Возачот, кој беше сам внатре, кога го виде ова брзо излета од автомобилот во вистински момент, за тоа што по десетина секунди возот го однесе југото. Беше страшно“ ��� велат сведоците на настанот.
Стравотната слика од уништеното „југо“, зборува колку среќа имал Тоше Ѓ. кој во последен момент се спасил од смртта. Од ЈП МЖ инфраструктура велат дека причината за несреќата е што возачот не ги почитувал сообраќајните и светлосни знаци, кои соопштувале дека доаѓа воз. Железничкиот сообраќај од и кон Битола беше во прекин 150 минути. До почетокот на овој месец, овој железнички патен премин бил обезбедуван од железничари, но тие од 1-ви декември биле повлечени а сообраќајот е регулира со светлосна и звучна сигнализација.(П.П.) |