01.01.2013, 13:14 „Балкан Енерџи груп“ ќе го води бизнисот со парното
Компанијата ќе и' плаќа на „Топлификација“ околу 1 милион евра годишно за закупнина
Маја Томиќ
Се остварија претпоставките за тоа која компанија од оваа година ќе го води бизнисот со парното. „Балкан Енерџи груп“ од денеска е носителот на трите лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. „’Топлификација’ потпиша договор за закуп на основните средства неопходни за вршење на дејноста производство на топлина со новиот носител на лиценца, ’Балкан Енерџи Груп’ “ , објави завчера Регулаторната комисија за енергетика. Согласно договорот за закуп, новиот носител на лиценца има обврска да инвестира во основните средства износ на годишната амортизација, со цел нивната вредност да не се намалува.
Исто така, новиот носител на лиценца на „Топлификација“ ќе и' плаќа закупнина во висина на одобрениот принос на капитал за оваа дејност, кој во согласност со постојните акти на Регулаторна, изнесува околу 1 милион евра на годишно ниво. Согласно договорот за преземање на вработените, новиот сопственик на лиценца е обврзан да ги преземе и сите вработени од фирмите на „Топлификација“. Според деловниот план на „Топлификација“ во наредните три години се очекува позитивен биланс на успех. И тоа, во 2013 година добивката да изнесува околу 700.000 евра, во 2014 година околу 2,2 милиони евра и во 2015 година - 2,6 милиони евра. Позитивниот нето готовински тек во 2013 година се очекува да биде околу 10,4 милиони евра, во 2014 година околу 4,3 милиони евра и во 2015 година 3,1 милиони евра. Ваквите резултати во наредните три години ќе овозможат намалување на задолжувањето на „Топлификација“ во висина од околу 17,6 милиони евра.
„Балкан Енерџи груп“ е, всушност, фирма-ќерка на „Тето“ и на руската „Синтезис“. Во игра за дибивање на лиценците за парното беа и државните ЕЛЕМ и МЕПСО, кои како еден конзорциум до Регулаторна комисија за енергетика доставија понуда. Но, уште од стартот се зборуваше дека нивното учество во тендерот е повеќе како резервна варијанта, во случај „Балкан Енерџи груп“ да реши во меѓувреме да се повлече. Имаше и информации дека Регулаторна во еден момент планирала да го подели топлинскиот бизнис, односно производството, дистрибуцијата и снабдувањето меѓу сите три компании. Но, сепак, на крајот одлуката падна за „Балкан Енерџи груп“. |