08.01.2013, 14:32 Почина актерот Драгиша Димитриевски-Шипе
Драгиша Димитриевски-Шипе, актер од Кумановскиот театар, почина вчера по кусо боледување. Погребот на неговите посмртни останки беше извршен денеска на Градските гробишта во Куманово, а утре во 12 часот во негова чест во Театарот ќе биде одржана комеморација.
Димитриевски е роден во Куманово на 6 април 1956 година, а постојан член на Кумановскиот театар каде што одигра над сто и педесет актерски улоги беше од 1980 година. Актерската кариера ја започна со претставата „Мајка храброст и нејзините деца“ во 1974 година, а пет години подоцна, дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Тодорка Кондова.
Драгиша Димитриевски-Шипе и' е познат на јавноста и како ликовен уметник со плодно творештво. Во последните неколку години тој беше уметнички раководител на ликовната колонија „Карпино“, а за своето творештво е наградуван со повеќе стручни и општествени награди, меѓу кои се наградите доделувани од МТФ „Војдан Чернодрински“, „Ноемвриска награда“ од градот Куманово, како и наградите од Друштвото на ликовни уметници - Куманово. |