10.01.2013, 14:35 Почина Кузман Поп Стефанија
Дологогодишниот член и водач на ансамблот „Билјана“ по краткотрајно боледување денеска почина во Охрид
ФОТО: OhridNews
Во Охрид денеска по краткотрајно боледување почина Кузман Поп Стефанија (77), дологогодишен член и водач на ансамблот „Билјана“ од Охрид.
Поп Стефанија беше член на сите состави на ансамблот „Билјана“ од неговото формирање пред повеќе од пет децении, како инструменталист на хармоника. Готвач по професија во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, уметник музичар во слободното време. Тој заедно со Душко Маревски, Никола Георгиевски, Адем Бајрам, Ташко Петрески-Шуле, Јосиф Миленкоски, Сотир Ѕингалот, Томчо Лукан, Трајче Ристовски и други зад себе остави над 300 снимки на стари охридски староградски песни и препеви, седум албуми и неколку сингл-плочи.
Целиот свој живот го посвети на песната, продолжувајќи ги традииците на охридската староградска музика. Она што го започнаа првите тајфи уште на крајот на 19 век, преку ансамблот „Билјана“ доби современ звук на традиционалното трубадурско пеење, преку песни изведувани со нови инструменти.
Посмртните останки на Кузман Поп Стефанија ќе бидат изложени утре во капелата на Градските гробишта во Охрид од 13 до 14 часот. |