12.01.2013, 12:28 Нови владини мерки за поддршка на земјоделското производство
Евтината кредитна линија на Македонската банка за поддршка на развојот, која досега се користеше за финансирање на откуп и преработка и извоз на земјоделски производи ќе може да се користи и од страна на земјоделските производители за финансирање на процесот на производство.
Како што информира на денешната прес-конференција протпаролот на Владата Александар Ѓоргиев станува збор за една од неколкуте мерки за унапредување на поддршката на земјоделството усвоена на Владата на последната седница со кои се овозможува проширување на опсегот на корисници на овие исклучитлено ефтини средства.
- Средствата ќе може да се користат по исклучително поволни услови - каматна стапка од 3 проценти што е најевтина во Македонија и пошироко, а износот на средс��вата ќе се движи од 300 илјади евра. Доколку земјоделците се одлучат за подигнување на средства со краен рок на отплата до 18 месеци тогаш грејс периодот изнесува шест месеци, а доколку крајниот рок на отплата е пет години грејс периодот за негово враќање изнесува една година. Средствата може да се користат и за инвестиции и за обртни средства, рече Ѓоргиев.
Според него, апликациите од страна на микро мали и средни земјоделски производители за користење на овие средства се примаат во МБПР и за краток период се одобруваат.
Се воведуваат уште две нови поволности во областа на земјоделското производство. Покрај финансирање на идни набавки ќе може да се финансираат и набавки направени 90 дена пред поднесување на кредитното барање од страна на земјоделците до МБПР.
- Со ова се овозможува финансирање на набавки кои поради сезонскиот карактер на секторот морале да бидат направени во одреден момент, а подоцна не би можеле да се направат, не би имале економска оправданост или од подоцнежната набавка веќе не би имале ефект и ова е една голема помош за земјоделците, рече портпаролот Ѓоргиев.
Другата мерка предвидува пролонгирање на рокот за правдање на наменското искористување на средствата од 30 на 90 дена, а ја имаат предвид специфичноста на откупот и преработката на земјоделските производи како резултат на нивниот сезонски карактер.
Инаку, при кредитирање на примарното земјоделско производство се финансираат основни и обртни средства за растително и сточарско производство и за нова земјоделска погонска и приклучна механизација. Од вкупно расположливите 10,7 милиони евра досега се искористени 3,1 милион, а на располагање на земјоделците остануваат уште 7,6 милиони евра. Новиве мерки Владата ги обезбеди во соработка со земјоделците и стопанските комори на нивно барање, а со цел за подобар економски развој, раст на бизнисите и отворање нови работни места.
|