13.01.2013, 13:52 Тројца повредени од експлозија на боца со пур пена
Тетово – Тројца членови на едно семејство од тетовското село Радиовце се повредени во експлозија на полиуретанска боца. Со тешки повреди по лицето се здобил Насир М. (51), неговата сопруга Нурие М. (50) и нивната 20 - годишна ќерка М.М. Сепак, најтешко поминал Насир, кому откако му била укажана помош во тетовската болница, е пренесен на скопските клиники.
Сопругата Нурие била пуштена на домашно лекување, додека нивната ќерка е задржана на болничко лекување во Тетово. Како последица на силната експлозија скршени биле два прозора, а причинета е и друга материјална штета во просторијата.
Се се случувало во саботата околу 14 часот во куќата на Насир М. во тетовското село Радиовце. Сопственикот Насир во затоплената соба покрај печка оставил полиуретанско шише (во народот познато како пур пена) за да се одмрзне. Постепено, под влијание на температурата, особено покрај печката, шишето се загреало и експлодирало, распрскувајќи се низ просторијата, повредувајќи ги тројцата домашни и нанесувајќи материјална штета.
Тетовската полиција извршила увид на лице место, го пронашла експлодираното шише и презема мерки за целосно расветлување на случајот.
Од полицијата апелираат до граѓаните внимателно да ракување со сите видови предмети што се под притисок, како што е случајот и со полиуретанското шише, а особено при нивно внесување во станови и ракување да се оставаат што подалеку од топлотни влијанија. (Г.Е.) |