11.01.2013, 12:48 Белгија не му дава пасош на францускиот милијардер Арно
Францускиот милијардер Бернар Арно, кој е сопственик на компанијата што ги поседува правата врз луксузните марки „Луј Витон“ и „Булгари“, меѓу првите побара даночно прибежиште во Белгија, но не ги исполнува условите за белгиско државјанство, соопшти државниот обвинител.
Портпаролот на обвинителот, чија согласност е неопходна Арно да добие државјанство, изјави за белгиските медиуми дека Арно не може да докаже дека најмалку три години живее во Белгија, како и оти некои негови компании се под истрага, што го дисквалификува.
Освен од обвинителството, одобрение за стекнување белгиски пасош мора да дадат и Министерството за имиграција и белгиската служба за безбедност, а било која од овие три институции може да го блокира барањето за добивање пасош.
Арно се пресели во Белгија кон крајот на минатата година, за да избегне високи даноци кои францускиот претседател Франсоа Оланд им ги наметна на супер-богаташите и најави оти ќе се одрекне од француското државјанство и ќе стане Белгиец.
|