12.01.2013, 12:23 Почнува Вевчанскиот карневал
Вевчани викендов е домаќин на традиционалниот карневал кој како безграничен театар секоја година во пресрет на Стара Нова година и празникот Василица собира стотици маскирани лица.
Годинава ќе гостуваат музичари од Македонија и од соседните земји. Преткарневалската програма почна вчера со новогодишен концерт на КУД Дримкол од Вевчани, а вечер ќе настапат: Скандал састав, Верица Ристевска, Стрингс - Пламенка Трајковска трио, Пука козметика и Дивље јагоде. Пред вечерашниот концерт ќе биде презентиран и меѓународниот проект „Карневалот крал на Европа“.
Вевчанскиот карневал официјално ќе почне утре напладне и вечерта ќе продолжи со фолк-програма и учество на Чаки панкерот, Дијана бенд, Нино Величковски и Благица Павловска. Карневалот завршува на зајдисонце на Василица, 14 јануари, со церемонијално палење на маските. Фрлањето на маските во ��гнот го симболизира уништувањето на злото, прочистување од лоши духови и влегување со чиста душа во новата година која на тој датум почнувала според стариот календар.
Карневалското дефиле се случува на вевчанските улици, кои стануваат сцени за парада на маски со кои се илустрира инвентивноста и досетливоста на тие што ги носат. Покрај традиционалните маски - Невеста и Зет, Глупав Август, Музичари и Ѓаволи, останатите се по избор на карневалските групи кои секојдневниот и социјалниот живот го исмеваат и преку своите костуми и гестикулацијата.
Специфика на карневалот е што тој не се режира, туку се се одвива импровизирано и спонтано. Има непрекинат континуитет што го прави единствен - стар е над 1400 години, колку и селото Вавчани, и е интересна комбинација на паганство и модернизам. Главни особини му се архаизмот, тајноста и импровизацијата и по својата автентичност се разликува од сите други карневали во светот. Од 1993 година Вевчани е член на Федерација на европски карневалски градови.
|