14.01.2013, 12:33 Депардје ја критикува руската опозиција
Познатиот француски актер Жерар Депардје, кој неодамна доби руско државјанство, ја критикуваше опозицијата на рускиот претседател Владимир Путин дека нема визија и го бранеше ставот на Кремљ за прашањето на руската панк-група „Пуси риот“.
„Руската опозиција нема програма. Нема ништо“, рекол Депардје за руската државна телевизија, во своето прво поголемо интервју што го дал како руски државјанин.
„За жал, масата е глупава. Само индивидуалноста е преубава“, рекол тој. Според неговите зборови, во руската опозиција има многу паметни луѓе, како што е на пример бившиот светски шаховски првак, Гари Каспаров. „Тоа е добро само за шахот, но не и за другите работи“, оценил Депардје.
Депардје жестоко ја критикувал и женската панк-група „Пуси риот“, која минатата година одржа перформанс против Путин во главната руска црква, по што две членки служат двегодишна казна затвор.
„Замислете тие дами да дошетаа во џамија? Потоа од неа не би излегле живи“, рекол Депардје. „Но кога такво нешто ќе кажам во Франција, тогаш ме сметаат за идиот“, рекол актерот.
Коментарите на Депардје веднаш ги размениле руските опозициски блогери, а ги критикуваше и радикалниот руски левичар Сергеј Удалцов. |