14.01.2013, 13:22 Фалкао најави заминување во ПСЖ
Актуелниот договор на колумбискиот репрезентативец со Атлетико е до 2016, а веќе неколку големи клубови се заинтересирани да го видат во своите редови
Еден од најдобрите напаѓачи во светот, Радамел Фалкао, најави дека кариерата би можел да ја продолжи во тимот на Пари Сен Жермен. Актуелниот договор на колумбискиот репрезентативец со тимот на Атлетико Мадрид е до 2016 година, а веќе неколку големи клубови се заинтересирани да го видат во своите редови. Неодамна се појавија шпекулации дека Фалкао веќе има потпишано преддоговор со тимот на Реал Мадрид и дека наредната сезона ќе се пресели на „Сантијаго Бернабе“. Сепак, голгетерот со последните изјави покажа дек�� „кокетира“ и со тимот на ПСЖ.
„Франција е одлична земја. Сум бил таму и многу ми се допаѓа. ПСЖ има многу амбициозен спортски проект. Инвестираат многу пари за да создадат силен тим. Ќе им треба време, но во многу брзо време може да бидат успешни. Не е невозможно почесто да се гледам со француските новинари и тоа во многу брзо време“, рече Фалкао во изјава за една француска телевизија.
Фалкао сезонава даде 18 погодоци за Атлетико Мадрид и е втор стрелец во примера веднаш зад Лионел Меси. Доколку се случи Колумбиецот да се пресели на „Паркот на принцовите“, ПСЖ би добил феноменален напаѓачки тандем, бидејќи од сезонава во Париз се пресели шведскиот репрезентативец Златан Ибрахимовиќ.
|