14.01.2013, 09:47 Лавров: Не е предвидено Асад да се повлече од власт
Не е можно сирискиот претседател Башар ал Асад да се повлече од власта, бидејќи тоа не е предвидено во меѓународните договори, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
- Нашите партнери се убедени дека е потребно Башар ал Асад да биде отстранет од политичкиот процес. Таков предвремен услов не се содржи во документот од Женева, прифатен во јуни од големите сили, и не е можно тоа да се оствари, бидејќи не зависи од никого, истакна Лавров.
Тој ја повика сирсиката опозиција да предложи идеи за дијалог, откако Асад ги формулира своите предлози.
- Претседателот Асад даде иницијативи за започнување дијалог со сите опозиционери. Можеби тие не одат доволно далеку и на некого му изгледаат несериозни, но тоа се предлози. Ако сум јас на местото на опозицијата тогаш ќе и��несам предлози како да започнат разговорите, нагласи шефот на руската дипломатија.
Емирот на Катар повика на вооружена интервенција во Сирија
Времето за дипломатско решение помина. Ситуацијата е трагична и повеќе не може да се бара оправдување за приказните дека е потребна поддршка за евентуално политичко решение, изјави во интервју за телевизијата „Ал Џезира“ катарскиот премиер шеик Хамад Бин Џасем ал Тани.
Тој истакна дека Катар е подготвен да поддржи политичко решение за Сирија во рамки на Советот за безбедност на ОН по договор меѓу Вашингтон и Москва, но, според него, засега нема никакви знаци дека таков договор може да биде постигнат.
- За жал тоа се фактите. Никакво друго решение освен смена на сегашната Влада во Сирија не може да доведе до прекин на крвопролевањата. Затоа ја поддржуваме сириската опозиција. Сирискиот народ треба да се ослободи од сегашниот режим. на убиствата, киднапирањата и уривањата на цели градови треба да им се стави крај, додава Ал Тани.
Катарскиот премиер нагласи дека арапските земји треба да докажат дека се способни да ги прекинат насилствата и сериозно да размислат за испраќање воени сили во Сирија. |