10.01.2013, 16:07 Една плата за вработените во ОХИС
Во исчекување како ќе заврши 10. тендер, работниците се задоволни што по една година ќе земат некој денар
Додека тече десеттиот тендер за загубарот ОХИС, а вработените до неодамна речиси секојдневно протестираа барајќи од институциите исплата на 15 задоцнети плати и решавање на статусот на компанијата, министерот за финансии Зоран Ставрески денеска објави дека Владата обезбеди средства од буџетот за една плата на вработените. Парите треба да се исплатат за два-три дена, односно во текот на следната недела. Како што изјави вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на последната владина седница се разговарало и за долгорочно решавање на проблемот со ОХИС, односно за побрзо наоѓање стр��тешки инвеститор.
„Во однос на долгорочното решение за ОХИС се задолжени сите промотори и министерот за привлекување инвестиции интензивно да работат на прашањето за наоѓање стратешки партнер за ОХИС и да контактираат со сите потенцијални инвеститори. Тоа ќе го правиме во наредниот период и се надеваме дека ќе постигнеме успех“, изјави денеска Ставрески.
Вработените засега се задоволни од владината одлука.
„Всушност, ќе добиеме една просечна плата, што значи дека ќе ни се исплатат средства во висина на околу две наши плати. Иако е тоа далеку од крајно решение, засега сме задоволни. Сепак, најдобро ќе биде доколку во април конечно се најде стратешки инвеститор и фабриката почне со редовно производство“, вели Благоја Неделковски од синдикатот на ОХИС. (М.Т.) |