12.01.2013, 12:52 Белата куќа го одби барањето да конструира „Ѕвезда на смртта“
Белата куќа го одби барањето на над 34.000 Американци кои се потпишаа на интернет петиција со која побараа да се изгради „Ѕвездата на смртта“ од филмовите Војна на ѕвездите.
Ова е најновата популарна петиција на интернет страницата на Белата куќа, чии предложувачи се шегуваат со можноста да дадат предлог и да добијат официјален одговор од претседателот Барак Обама, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Во петицијата се наведува дека изградбата на ова оружје, кое во филмот има моќ да уништи цели планети, ќе отвори голем број работни места и ќе го унапреди развојот на науката.
Во одговорот потпишан од Пол Шаукрос, задолжен за наука и вселена во Белата куќа, се вели дека САД немаат доволно пари за проектот кој се проценува на 850 квадрилиони долари, но се потенцира и дека администрацијата на Обама не поддржува уништување на планети.
Иако САД ја прекинаа шатл програмата и ги ставија преостанатите шатл летала во музеј, Шаукрос во својот одговор потсетува на успешните роботски мисии до Марс, испраќањето на летала надвор од Сончевиот систем, и најавува нови човечки мисии до Вселената. Белата куќа неодамна негативно одговори и на друга популарна, но посериозна петиција, за отцепување на државата Тексас од Соединетите Американски Држави, на која се потпишаа над 100.000 граѓани.
Во одговорот на оваа петиција, покрената набргу по реизборот на Обама, директорот на Обама за ангажман со јавноста Џон Карсон напиша дека во Уставот е предвидена можност преку избори да се смени власта во САД, но не и можност да се напушти унијата.
|