10.01.2013, 15:38 Вељаноски утре ќе ги закаже локалните избори
Владејачката партија ќе се изјасни за условите што ги постави опозицијата откако спикерот утре ќе ги закаже изборите за 24. март
Претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, ќе ги распише утре локалните избори, што се очекува да се одржат на 24 март. Следниот ден, раководството на владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе се произнесе за условите што ги постави СДСМ за учество на опозицискиот фронт на претстојните избори. Ако одговорот на владејачката партија биде негативен, како што, првично и неофицијално, се навестува, речиси е извесно дека опозицијата од македонскиот политички камп ќе ги бојкотира изборите за градоначалници и за советници.
Во случај, пак, да се прифати предлогот на опозицијата - во ист термин со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, Собранието би требало да се распушти околу 24 јануари или за околу две седмици?!
Изборниот законик предвидува локалните избори да се одржат во четвртата година од мандатот на актуелните локални власти и тоа во втората половина на март. (А.М.М.)
|