10.01.2013, 14:22 Сендвичи ќе се продаваат во стилски киосци
Државата продава шест парцели во Центар наменети за сендвичарници. Почетна цена за квадрат е 6.000 денари
И сендвичарниците што ќе никнат низ централното градско подрачје ќе добијат стилски изглед. Ќе се градат на државно земјиште кое почна да го продава Министерството за транспорт и врски. Огласени за продажба се шест наменски парцели. На нив е предвидено да се постават киосци со стилски изглед. Идните купци на парцелите ќе бидат обврзани да ги изградат киосците согласно со проектот и идејното решение избрано од Град Скопје. Во случајов, предмет на продажба се шест парцели по 8 квадратни метри кои ќе се отуѓуваат на лицитација.
Почетната цена изнесува 6.000 денари за кв��дратен метар, а рокот за доставување на понудите за учество во наддавањето е до 13 февруари. Заинтересираните ќе треба да достават и банкарска гаранција во износ од 30.000 евра во денарска противвредност како доказ за сериозност на понудата. Инаку, Министерството за транспорт и врски вчера распиша и оглас за отуѓување на земјиште за изградба на катна гаража. Станува збор за градежна парцела со површина од 2.455 квадратни метри со намена за изградба на комунална инфраструктура - катна гаража со компатибилни класи на намени. Почетната цена на јавно наддавање изнесува 1.850 денари од квадратен метар. (Б.Ш.)
|