11.01.2013, 16:15 Иванов ги поведе амбасадорите во Берово
Претседателот Ѓорге Иванов ги собра во Берово членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Македонија. На дипломатскиот прием, кој традиционално се приредува по повод новогодишните и божикните празници, свои обраќања имаат Иванов и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Албанија, Арбен Чејку.
Според програмата, за утре е предвидено разгледување на постојаната поставка во Музејот на град Берово, каде што ќе се презентира дел од поновата историја на Берово и на Малешевскиот регион, додека на плоштадот „Димитар Беровски“ ќе се презентираат дел од културното богатство, локалните производи, ракотворби и здрава храна. Наедно, ќе биде посетен и манастирскиот комплекс „Св. архангел Михаил“.
Градоначалникот на Берово, Драги Наџински, смета дека е добра практика традиционалниот прием за амбасадорите да се организира надвор од Скопје или Охрид, бидејќи нашата земја изобилува со убавини. (П.Р.)
|