11.01.2013, 14:48 СДСМ: Има време до 24 март да се договориме
Доколку постои политичка волја кај власта, од опозицијата сметаат дека има доволно време да се постигне и реализира политички договор
„Очигледно е дека Трајко Вељаноски овој пат добил наредба да ги почитува уставот и законите“. Иронична беше првичната реакција од најголемата опозициска партија СДСМ, откако претседателот на Собранието согласно законската обврска го потпиша Решението за распишување на избори на членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје.
Законските одредби предвидуваат локалните избори да се одржат во втората половина на месец март, а законскиот рок - од 70 до 90 дена на располагање дава два термини. Првиот е 24 март, вториот е 31 март 2013 година, но бидејќи 31 март е голем верски празник - Велигден за граѓаните од католичка вероисповед, Вељаноски одлучил локалните избори да се одржат на 24 март.
„Согласно нашиот понуден план, доколку постои политичка волја кај режимот, до 24 март има доволно време да се постигне и реализира политички договор за да се одржат локални заедно со предвремени парламентарни избори“, велат од СДСМ.
Социјалдемокартите сметаат дека тоа е единствениот начин да се спречи понатамошно продлабочување на политичката криза.
„Преку слободни, фер и демократски избори, граѓаните да изберат нов состав на законодавната и извршната власт, затоа што после „црниот понеделник“ актуелната гарнитура заради грубото газење на уставниот поредок и правната држава, нема легитимитет. Сепак, доколку се направи било каков обид да се организираат било какви нелегитимни избори, целокупната одговорност за понатамошното политичко дестабилизирање на земјата, ќе ја сноси режимот“, потенцираат од СДСМ.
Социјалдемократите пред неколку дена ги соопштија условите за учество на претстојните локални избори. Имено, тие ќе учествуваат на нив само доколку се одржат и предвремени парламентарни избори и доколку тие бидат организирани од Влада од доверба. Партијата побара и смена на министрите за финансии, за правда и за внатрешни работи, како и на директорот на јавниот сервис, и поставување на нивно место луѓе од доверба прифатливи и за власта и за опозицијата. Опозицијата не се откажува ниту од идеите за измени во Изборниот законик според препораките од ОБСЕ/ОДИХР, засилен меѓународен мониторинг и рамноправна распределба на јавните фондови за реклами во медиумите. Утре седница ќе одржи Извршниот комитет на ВМРО - ДПМНЕ на која треба да се разговара за условите на СДСМ. (Н.К)
|