13.01.2013, 14:49 Македонија во винска офанзива
Владата ќе доделува по 16.000 евра за опрема, 500 евра за месечна закупнина на простор, како и за 50 отсто просечна месечна бруто плата за најмногу 4 вработени
Јасмина Јовановска-Вељановска
Владата ќе кофинансира отворање на туристички продавници и штандови за македонско вино. Во текот на годинава треба ба бидат отворени околу 30 вакви продавниции, а Владата финансиската помош ќе ја додели за нивно опремување, закупот и за вработувањата. Со специјализирани продавници или штандови за македонско вино, кои треба да бидат лоцирани во 11 градови ширум земјава, три планиски места и на двата аеродроми, се планира да се отворат од 150 до 200 нови работни места.
За опремување на продавница, како што информира на денешната прес - конференција портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, Владата ќе учествува со 50 проценти од направените трошоци за уредување, но не повеќе од еден милион денари по продавница, додека за вински штанд 100 проценти од трошоците за изработка на штандот. Но, финансиската поддршка за штандот е ограничена до 600.000 денари или на околу 10.000 евра. И закупнината Владата ќе ја кофинансира во висина од 50 проценти од износот на годишната закупнина, но не повеќе од 30.000 денари или околу 500 евра месечно по продавница.
„Владата ќе го финансира и вработувањата на најмногу четири лица по продавница, како и на најмногу двајца вработени за продажба во вински штанд. Висината на кофинансирањето ќе биде утврдена со јавниот повик, но таа не смее да биде помалку од 50 проценти од просечната годишна или месечна бруто плата. Не се исклучува можноста во зависност од интересот да се финансира и целата бруто плата“, појасни Ѓорѓиев.
За да може да конкурира за финансиската помош, правното лице меѓу другото треба да приложи договор за закуп на просторот што е предмет на уредување, опремување или сместување на штандот за најмалку три години, преддоговори со производители или трговци на вино за снабдување со македонски вина со најмалку 15 производители на вино, а вработените пак треба да имаат солидно познавање на англиски јазик и основни познавања за вина. Еден корисник може да користи помош за најмалку 2 продавници и еден вински штанд или три вински штанда.
„Со оваа поддршка се дава сериозен придонес во развојот на туризмот, во развојот на трговија и во поддршка на македонските компании кои тргуваат и произведуваат вина, но се обезбедуваат и нови работни места со директна поддршка на државата“, нагласи владиниот портпарол Ѓорѓиев. Оваа владина мерка е димензионирана во соработка со Стопанските комори на Македонија, на иницијатива на Македонската асоцијација на винопроизводители.
Како треба да изгледаат продавниците и вински штандови, постои унифицирано идејно решение во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, што кандидатите ќе мора задолжително да го применуваат, посебно во делот на опремувањето, а ќе треба да ги исполнува и постулатите за прикажувањето на македонските традиции.
Предвидено е да биде објавен повик за отворање продавници и вински штандови во Скопје, Охрид, Кавадарци, Берово, Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Крушево, Гевгелија, Дојран, како и во Маврово, Попова Шпака, Кожуф, аеродромите „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ и меѓународната автобуска станица во Скопје. |