14.01.2013, 14:58 Пандев и Наполи се поблизу до Јувентус
Ремито за Старата дама (1:1) на гостувањето кај Парма ја врати возбудата во трката за титулата, најмногу искористија „наполитанците“ и Лацио
Борбата за титулата во италијанската Серија А повторно станува возбудлива откако лидерот Јувентус ремизираше 1:1 на гостувањето кај Парма, во рамките од 20. коло. Киксот на Старата дама го искористија екипите на Лацио и Наполи, кои победија на домашен терен во дуелите со Аталанта, односно Палермо.
Нов меч за Горан Пандев како стартер во составот на „наполитанците“ коишто со убедливи 3:0 славеа против слабиот Палермо и се доближија на само пет бода до лидерот на табелата Јувентус. Капитенот на нашиот национа��ен состав мина 68 минути во игра и не успеа да се запише во листата на стрелци.
Инаку италијанскиот првак водеше благодарение на голот на ветеранот Андреа Пирло, за кого ова беше петти погодок постигнат од слободен удар сезонава. Сепак, гостите не успеаја да го сочуваат водството до крајот. Талентираниот играч на Парма, Никола Сансоне им ја скрати радоста на фаворитот од Торино погодувајќи во 77. минута за конечни 1:1.
Лацио во второто полувреме го скрши отпорот на Аталанта, но на крајот ја исполни целта и ги освои трите бода на „Олимпико“. Флокари го најави триумфот со погодок во 68. минута, а гостите бурно реагираа кај судијата кој направи превид откако не виде дека стрелецот пред да реализира играше со рака. Триумфот на домаќините беше запечатен со автоголот на Бривио во 77. минута. За „небесносините“ ова беше деветта победа во 11 меча пред своите навивачи сезонава, што засега ги прави најдобар тим на домашен терен.
Резултати: Болоња - Киево 4:0, Интер - Пескара 2:0, Торино - Сиена 3:2, Каљари - Џенова 2:1, Наполи - Палермо 3:0, Парма - Јувентус 1:1, Удинезе - Фиорентина 3:1, Лацио - Аталанта 2:0, Катанија - Рома 1:0, Сампдорија - Милан 0:0.
Табела: Јувентус 45, Лацио 42, Наполи (-2) 40, Фиорентина 35, Интер 38, Рома 32, Милан 30...
|