14.01.2013, 13:13 Ван Перси и Видиќ му пресудија на Ливерпул
Манчестер јунајтед го доби вечниот ривал со 2:1 за девета победа во последните десет меча на „Олт Трафорд“
Двете екипи од Манчестер, Јунајтед и Сити, ја продолжуваат трката за титулата во англиската Премиер лига откако ги добија дерби мечевите во 22. коло. Во дуелот на двата најтрофејни англиски екипи Манчестер јунајтед повторно покажа дека е подобар тим од Ливерпул, „црвените ѓаволи“ славеа со 2:1 за деветта победа во последните 10 првенствени меча во пресметките со вечниот ривал на „Олд Трафорд“. Победата на Манчестер против Ливерпул ја најави првиот стрелец во лигата, Робин ван Перси, погоди во 19. минута. За Јунајтед ова е 20. погодок сезонава што го дава во првиот пола час од натпреварите. Домаќинот доминираше во првите 45 минути и само поради слабата реализација не успеа да стигне до поубедлива предност. На почетокот на вториот дел капитенот Немања Видиќ со глава погоди и го удвои водството на домаќинот, што на крајот се покажа како доволно за конечен триумф. Менаџерот на актуелниот лидер во првенството, сер Алекс Фергусон беше задоволен што неговиот тим сезонава може да се пофали дека двапати славел против ривалот од „Енфилд Роуд“.
„Без разлика на кое место се екипите, дуелите со Ливерпул отсекогаш биле дерби. Ова беше исклучително важен триумф за нас. Игравме одлично се додека не му дозволивме на Ливерпул да даде гол. Тој погодок го врати противникот во игра и во последните 30 минути моравме да ја браниме предноста. Кога играш против Ливерпул мора да си во најдобра форма, ако сакаш да победиш. денес ние бевме во таква форма“, рече Фергусон.
И покрај поразот тренерот на Ливерпул, Брендон Роџерс, беше задоволен бидејќи неговите играчи не се предале и кога биле во негатива од два гола. „Откако го примивме вториот гол, едноставно можевме да се откажеме, но тоа не е во менталитетот на Ливерпул. Мислам дека заслуживме нешто повеќе од пораз. Во првото полувреме не игравме добро, а Јунајтед даде голови по наши грешки. Потоа ние имавме наши шанси кои не ги искористивме. И покрај поразот, ова е меч од кој може многу да научиме“, рече Роџерс.
Манчестер сити стави крај на речиси четири децениската лоша традиција без победа кога гостува кај Арсенал. „Граѓаните“ дочекаа по 38 години да се израдуваат на триумф на гости кај „топчиите“, откако славеа со 2:0 на гостувањето во Лондон. Претходно Сити последен пат имаше победено во октомври во далечната 1975 година.
„Остваривме добар резултат бидејќи секогаш е тешко да се игра на гости против Арсенал, кој е многу добар тим. Одлично го отворивме мечот, а исклучувањето на Кошчелни беше клучно. Во второто полувреме требаше да постигнеме уште некој гол. Исклучувањето на Компани беше престрого. Судијата згреши во таа ситуација“, рече Роберто Манчини.
Со овие три бода Сити остана единствениот тим кој има едноцифрено заостанување зад лидерот Јунајтед.
Резултати: КПР - Тотенхем 0:0, Астон Вила - Саутемптон 0:1, Евертон - Свонси 0:0, Фулам -Виган 1:1, Норвич - Њукасл 0:0, Ридинг - ВБА 3:2, Стоук - Челзи 0:4, Сандерленд - Вест Хем 3:0, Манчестер Ј. - Ливерпул 2:1, Арсенал - Манчестер С. 0:2.
Табела: Манчестер Ј. 55, Манчестер С. 48, Челзи 41, Тотенхем 40, Евертон 37, Арсенал 34....
|