14.01.2013, 11:42 (ФОТО) Се одржа 17. „Мичуринска средба“
Одбележувањето на празникот Василица почна со палење на василичарскиот оган и молитва за мир, по што се кршеше василичарска погача со паричка за среќа
ФОТО: Киро Попов
Во централниот парк во населбата Мичурин синоќа по седумнаесетти пат се одржа традиционалната „Мичуринска средба“, што ја организира истоименото здружение на граѓани под покровителство на општина Аеродром.
Како и секоја година одбележувањето на празникот Василица почна со палење на василичарскиот оган и молитва за мир, по што се кршеше василичарска погача со паричка за среќа. Годинава паричката падна кај Зоран Џорлев, естраден уметник и директ��р на играорното друштво „Танец“.
Во рамки на прославата на големиот православен празник „Свети Василиј Велики“, меѓу народот познат како Стара нова година, се одржа богата музичка програма. Покрај домаќините, на Мичуринската средба присуствуваа градоначалниците на Град Скопје и на општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски.
Од општина Аеродром информираат дека ќе продолжат да ги поддржуваат ваквите културно-забавни манифестации се додека народот покажува интерес за тоа, како што е случајот со „Мичуринската средба“ која, како што е наведено, од маалско дружење прерасна во масовна традиција за дружба не само на Мичуринци, туку и на граѓани од други населби и општини.
|